Култура

„Охридско лето“ вечерва за најмладите со театарската претстава „Јованче и Марика“

петок, 21 август 2020

Во рамките на драмската програма на „Охридско лето“ вечерва ќе се одржи куклената претстава „Јованче и Марика“ од браќата Грим, поставка на Театарот за деца и младинци од Скопје, а во режија на Давор Драгојевиќ. Претставата за најмладите е со почеток од 20 часот на сцената на Долни Сарај. Улогите ги толкуваат Катарина Илиевска – Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков и Ангела Димитрова. Драматизацијата е на Дарко Ковачовски и Надја Василева, сценограф и костимофграф е Надја Василева, а музичката подлога за претставата ја креираше Љупчо Мирковски.

Јованче и Марика се најпознатите брат и сестра во литературата за деца. Браќата Грим им подариле „вечен” живот. Генерации и генерации растеа со оваа прекрасна бајка која ни ја покажува вистинската љубов помеѓу братот и сестрата, нивната добрина и нивната желба за среќно семејство. Марика е мила, малку плашлива, Јованче е љубопитен, храбар. Тие доаѓаат во ситуација сами да се борат со вештерката која го маѓепсала нивниот татко. Тука се преплетуваат светот на фантазијата и реалноста.

Најважната порака на оваа бајка е дека и во најтешките моменти треба да веруваш во себе.

Дали во денешниот свет кога на децата им се нудат најразлични содржини бајка може да опстане? Дали може да им парира на современата технологија, на компјутерските игри, нa 3Д анимацијата? Секако дека може и тоа токму во театарот!

 

Содржината е прочитана 79 пати.