Култура

Концерт на Здружението на џез музичари на Македонија – Колектив со гудачи премиерно на „Охридско лето“

четврток, 20 август 2020

Во рамките на музичката програма на „Охридско лето“ вечерва ќе се одржи концерт на Здружението на џез музичари на Македонија (ЗЏМ) – Колектив со гудачи.

Концертот ЗЏМ Колектив & Strings премиерно ќе биде изведен на сцената на Долни Сарај со почеток од 21 часот.

На програмата се дела од македонските композитори и изведувачи кои се членови на оркестарот на ЗЏМ. Звукот на оркестарот составен од 23 врвни македонски музички уметници ќе ја потврди посветеноста на ЗЏМ при креирањето и создавањето нови музички дела кои се вистинска рефлексија на македонските џез текови.

Здружението на џез музичари и слободни уметници е основано во 2016 година со единствена цел да ги обедини џез музичарите од земјата и да ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа. Во Здружението членуваат дел од најреномираните џез музичари од Македонија, студенти и професори на џез академиите во Скопје и Штип, како и слободни уметници, љубители и помагатели на тој вид уметност. Здружението работи на подобрување на музичката продукција, се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, за афирмирање и негување на џез културата во Македонија.
 

Содржината е прочитана 68 пати.