Бизнис вести

Владата финансиски ќе им помага на фирмите за родителите што не одат на работа

четврток, 20 август 2020

Владата на вчерашната седница донесе одлуки кои почнуват да го дефинираат четвртиот пакет мерки со кои ќе им помогне на граѓаните и на компаниите полесно да се справат со проблемите наметнати од корона кризата.

Дел од тие мерки е и заклучокот да се разгледа можноста да се обезбеди финансиска поддршка за работодавачите кои имаат вработени со деца ученици до 10-годишна возраст, а кои во моментот се ослободени од работа и работни активности преку користење на мерките донесени од страна на Владата, поради фактот што овие вработени ќе останат дома доколку нивните деца следат он-лајн настава. Оваа поддршка би се обезбедила преку Фондот за здравствено осигурување или преку нов пакет економски мерки.

Дополнително, Владата ги задолжи Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација да ги разгледаат можностите да се предвиди и извршување работа со скратено работно време, или работа во смена за оваа категорија лица кои во овој момент се ослободени од извршување на работата и работните активности со физичко присуство на работното место.

 

Содржината е прочитана 967 пати.