Култура

Вечерва почнува фестивалот на светлината Skopje Light Art District

Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност ќе трае до 22 август и од Камен мост преку зградата на МЦМ до Градскиот парк ќе се одвива по однапред утврдена рута нудејќи им на посетителите многубројни светлосни инсталации кои ќе ги оживеат објектите во центарот на градот

среда, 19 август 2020

Третото издание на Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност Skopje Light Art District почнува вечерва и ќе трае до 22 август. Фестивалот стартува во 20,30 часот и од Камен мост преку зградата на МЦМ до Градскиот парк ќе се одвива по однапред утврдена рута притоа нудејќи им на посетителите многубројни светлосни инсталации кои ќе ги оживеат објектите во центарот на градот.

Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност е во организација на Универзална Сала и Град Скопје со поддршка на Делегацијата на Европската унија и Францускиот институт во Скопје. 


Третото издание на фестивалот на светлината претставува симболичен мост, живописна врска што ги обединува уметноста, технологијата и науката, минатото со сегашноста и иднината, градот и природата, користејќи го јазикот на светлината. Фестивалот годинава ќе испрати пораки за заштита на животната средина - преку одговорни одлуки и начин на живот да се заштити природата и нејзините богатства.

За полесна комуникација, запознавање со уметниците и нивните дела, како и утврдената мапа за движење, Skopje Light Art District создаде и Андроид апликација која посетителите ќе можат да ја симнат на своите мобилни телефони и да ја користат за време на фестивалот. Апликацијата е достапна на:
https://play.google.com/store/apps/details?id=com.o.sklad2020
 
Содржината е прочитана 57 пати.