Бизнис вести

Извозниците бараат алтернативни начини за промоција на македонските извозни продукти

Извозните компании во наредниот период ќе се фокусираат на имплементација на напредни технологии, на настап на виртуелни саеми, изработка на онлајн презентации и маркетинг стратегии за промоција и продажба на македонските брендови на странските пазари

среда, 19 август 2020

Корона кризата ги принуди извозниците да бараат алтернативни начини за промоција на домашните извозни производи. Дотолку повеќе што е сосема неизвесно одржувањето на саемските манифестации кои претставуваат најдобра форма на промоција.

Оттаму, претставници на извозни компании од Клубот на извозници при Стопанската комора одржаа работна средба со претставници на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на која се дискутираше за приоритетите активности за извозна поддршка на домашните компании

„Сакам да ја изразам нашата подготвеност за реализација на нови заеднички проекти и очекувам дека од денешните дискусии ќе произлезат конкретни барања, предлози и идеи кои ќе ги имплементираме во нашиот предлог-буџет за следната година, со единствена цел да додадеме вредност на извозниот процес и на тој начин да ги помогнеме домашните компании“, рече директорот на Агенцијата, Арбен Виља.

На средбата извозниците посочија дека своите активности во иднина ќе ги насочат кон дигитализација и користење онлајн алатки за промоција и продажба на производите.

„Поради настанатата криза со коронавирусот, повеќето саемски манифестации планирани до крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година се откажани, па со тоа се јавува потребата од пренамена на средствата планирани за поддршка на извозните активности на домашните компании“, истакна претседателот на Клубот на извозници, Глигор Цветанов.

Извозниците истакнаа дека во наредниот период треба да се фокусираат на имплементацијата на напредни технологии, настап на виртуелни саеми, изработка на онлајн презентации и маркетинг стратегии за промоција и продажба на македонските брендови на странските пазари, како и на обезбедување поголема поддршка за зголемување на конкурентноста на домашните компании.

На средбата беше презентирана и новата веб-страница на Агенцијата со порталот за промоција на извозот

 

Содржината е прочитана 61 пати.