Бизнис вести

Банките работеле со добивка и покрај корона кризата

понеделник, 17 август 2020

Во првата половина од годинава, НЛБ Групацијата остварила нето добивка од 73,7 милиони евра, што е за 22 проценти помалку во однос на истиот период лани.

Нето приходите на НЛБ во првите шест месеци биле 260 милиони евра, што е исто како и во истиот период од минатата година, а забележана е речиси непроменета добивка пред намалувањето на вредноста и провизиите во износ од 115,2 милиони евра, што претставува намалување од еден процент споредено со истиот период лани.
Оштетувањата и провизиите во првото полугодие изнесувале 33,2 милиони евра, наспроти 5,5 милиони евра во истиот период претходната година.

Иако работењето во првата половина на годината го обележа пандемијата со Ковид-19, Надзорниот одбор на Банката утврдил дека Групацијата работела стабилно и профитабилно и покрај формирањето на редукциите и провизиите.

Негативното влијание е делумно компензирано со еднократна продажба на должнички хартии од вредност во износ од околу 330 милиони евра, што позитивно влијаело на работењето на Групацијата во износ од 17,2 милиони евра и успешната продажба на НЛБ Вита во вториот квартал со придонес од 11 милиони евра.

Со коронавирусот добро се снајде и најмалата банка во земјата, ТТК Банка, која првото полугодие од годината го заврши со добивка од половина милион евра. Банката бележи раст на кредитирањето, раст на нето приходите од камати, а намалено ниво на резервации во споредба со истиот период лани

Имено, во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2020 година преку своето редовно оперативно работење Банката успеала да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 61,2 милиони денари, како резултат на остварените оперативни приходи во износ од 220,1 милиони денари и остварените оперативни трошоци во износ од 158,8 милиони денари. Во истиот период, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесувала 30,6 милиони денари.

Финансискиот резултат за овој период изнесува 30,5 милиони денари, што е за 26,2 милиони денари или 46,2 проценти понизок во однос на истиот период лани како резултат, во најголем дел, од пониска капитална добивка од продажба на преземeни средства како и од падот на пазарната цена на портфолиото за тргување во изминатиов период.

Добивка оствари и Уни банка која прокнижи 131 милиони денари што е зголемување во однос на истиот период минатата година кога добивката изнесувала 102 милиони денари.
 

Содржината е прочитана 58 пати.