Следната 2021 ќе биде година на закрепнување во авиосообраќајот

Интервју со Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија во кое говори за тоа како пандемиjата со Ковид-19 се одрази на авиосообраќајот, за напорите да се надмине исклучително тешката ситуација и да се зачуваат сите работни места, а притоа да се подмират финансиските обврски кон добавувачите, за новиот протокол и мерки со цел да се заштитат сите од коронавирусот, како и за очекувањата за брза стабилизација на авијациската индустрија во Македонија и враќање на епитетот најбезбеден вид сообраќај за патување

четврток, 23 јули 2020

МАРИЛИ: Зад нас е еден исклучително тежок период што го наметна пандемијата со Ковид-19. Проблемите предизвикани од корона кризата се одразија многу неповолно врз авиосообраќајот и за прв пат се соочивте со ситуација чие надминување не зависи само од вас како компанија. Според Вашите груби проценки, какви последици ќе остави пандемијата врз целокупниот авиосообраќај во Македонија?
ЕРСОЈ:
Авијацијата е најнегативно погодената индустрија од КОВИД-19. Во последните 20 години имаше неколку кризи - терористичките напади 9/11 во 2001 година, војни, инфекции како САРС и МЕРС, финансиската криза во 2009 година, вулканските ерупции во 2010 година, но ниту една криза немаше толку големо влијание на целокупните општества, како што е кризата предизвикана од КОВИД-19. За прв пат, земјите ги затворија своите граници, летовите беа запрени, авиокомпаниите ги приземјија нивните авиони, единствени кои функционираа беа карго-летовите и летовите за репатријација.
Кризата му нанесе огромен удар на авијацискиот бизнис во светски рамки, а штетите допрва ќе се проценуваат, додека последиците со сигурност ќе се чувствуваат во следните неколку години.
ТАВ Македонија во последните 10 години направи огромни инвестиции во развојот на авиосообраќајот во земјата, којшто достигна стабилно ниво и стана одржлив на долг рок. Фактот што сме дел од многу моќен меѓународен холдинг, ТАВ Аеродроми, исто така ни дава дополнителен стимул за да се справиме со предизвиците.
Свесни сме дека има загриженост кај патниците и дека ќе биде многу тешко за нив да одлучат да патуваат во следниот период. Но, со следење на сите заштитни мерки и протоколи, со зголемена хигиена и претпазливост, довербата во авиосообраќајот ќе се врати и сите ќе продолжат да уживаат во патувањата.

МАРИЛИ: Наеднаш се најдовте во состојба која практично значеше запирање на приходите. Како работеше компанијата во време на кризата и дали успеавте да ги задржите сите работни места, или, сепак, бевте приморани на одредени рестрикции?
ЕРСОЈ:
Со затворањето на аеродромите во средината на март 2020 година, приходите на ТАВ Македонија запреа целосно, но не и нашите трошоци. И покрај исклучително тешката ситуација, ги направивме сите можни напори да ги зачуваме сите работни места и да ги подмириме финансиските обврски кон добавувачите и нашите засегнати страни. Нашите вработени чии задачи се од административна природа работеа од дома во изминатите месеци. Исклучок беа вработените чии работни задачи се од оперативна природа и кои поради нивните работни позиции требаше да бидат присутни на Меѓународниот Аеродром Скопје да ги опслужуваат хуманитарните летови за враќање на граѓаните во земјата, како и карго-летовите. Со повторното отворање на двата аеродроми во Скопје и во Охрид, од 1-ви јули 2020 година, се надеваме на побрза стабилизација на авијациската индустрија во Македонија.

МАРИЛИ: Минатата година двата македонски аеродроми се вброија меѓу најбрзорастечките аеродроми во светот и меѓу водечките од земјите кои не се членки на ЕУ, но сега ситуацијата е сосема поинаква. Падот на авиосообраќајот за 90 проценти и целосно намалениот број на патници изминативе месеци укажуваат дека е речиси невозможно да се постигне лани зацртаната цел – на скопскиот аеродром да биде пречекан три-милионитиотпатник. Кажете ни, каква е моменталната состојба?
ЕРСОЈ:
На почетокот од 2020 година, пред кризата, имавме одлични бројки на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во поглед на пораст на бројот на патници кој изнесуваше 15%. Но, целосното затворање на двата аеродроми значително ги намали овие бројки, и на пример само во април имавме 90% пад на бројот на патници.
Во последните 3,5 месеци немавме ниту еден комерцијален патнички лет. Само патници од летовите за репатријација на македонските граѓани. Оттука, падот во бројот на патници и на опслужени летови во изминатите 3,5 месеци е драстичен. Ако погледнеме на резултатите за првите 5 месеци од јануари до мај 2020, забележавме 53% намалување на бројот на патници и 47% намалување на бројот на летови, споредено со истиот период од 2019 година. КОВИД-19, различно од другите кризи, има психолошки ефект на однесувањето на луѓето.

МАРИЛИ: Со исти проблеми се соочуваат сите земји погодени од коронакризата, иако, се чини, Македонија ги надминува малку побавно, па покасно ги отвори своите граници. Имајќи го предвид сето тоа, како и намерата на голем број држави да стават акцент на домашниот туризам, кои се шансите Меѓународниот аеродром Скопје да стане главен аеродромски центар во регионот, а „Св. Апостол Павле“ во групата на малиа еродроми?
ЕРСОЈ:
Справувајќи се со промените кои КОВИД-19 ни ги донесе на сите нас, нема да претераме ако кажеме дека сме сведоци на еден досега невиден период во историјата на човештвото во наше време. Оваа криза е толку непредвидлива, а сепак ги смени навиките на луѓето толку брзо, колку што најголемите светски лидери не можат да постигнат со години и години работа, бидејќи човечките обрасци на однесување е најтешко да ги смените. Знаејќи го ова, туризмот и патувањата ќе ги сменат своите модели, не само на краток рок, туку и долгорочно. Бидејќи авијацијата е еден од главните елементи на патувањата, и целата авијациска индустрија ќе биде редефинирана.Ние, како аеродроми, заедно со авиокомпаниите и производителите на авиони, сме трите главни играчи во индустријата и тесно зависиме еден од друг.
Поради тоа, во ваква непредвидлива криза, каде што нашиот бизнис дополнително зависи и од односите меѓу државите, рестрикциите на граничните премини итн., нашата цел е да ги вратиме авиокомпаниите и рутите од скопскиот и охридскиот аеродром, да ја преживееме кризата и да се вратиме на нивоата на авиосообраќај кои ги имавме пред да се случи кризата.

МАРИЛИ: Ефектите од корона кризата во авиосообраќајот, повеќе од сигурно е дека ќе се чувствуваат најмалку до крајот на годината. Авионскиот сообраќај ќе биде значително намален, бидејќи луѓето ќе се плашат да патуваат со авион поради страв од ширење на болеста. Кои ќе бидат новите правила за патување?
ЕРСОЈ:
Повторно ги отворивме двата аеродроми – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, на 1-ви јули 2020 година, согласно Одлуката на Владата. Во периодот додека нашите аеродроми беа затворени, 3,5 месеци, од половината на март 2020 година, како аеродромски оператор ние подготививме нов протокол за управување со аеродромите во време на пандемија, следејќи ги националните здравствени власти и меѓународните авијациски институции. Согласно овој протокол, воведовме нови мерки со цел да ги заштитиме сите од коронавирусот. Патниците задолжително треба да ги следат овие три правила – постјано да носат заштитна маска, постојано да одржуваат безбедно растојание и високо ниво на лична хигиена. Од влегувањето во терминалната зграда до качувањето во авион, целта е да избегнеме физички контакт меѓу нашите вработени и патниците. Само оние кои ќе покажат валидна авионска карта (испечатена или на мобилен телефон) ќе можат да влезат во терминалната зграда. Не дозволуваме влез на пријатели и роднини на патниците, односно на оние што ги испраќаат и пречекуваат. На влезот во терминалната зграда, патниците поминуваат низ патосница за дезинфекција на чевлите и треба да ги дезинфицираат рацете, по што им ја мериме телесната температура со термална камера. Доколку немаат покачена температура, ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација. За време на процесот на регистрација и качување во авион, патниците треба да им ја покажат картата на нашите агенти преку проѕирните прегради и самостојно да го регистрираат пасошот на читачот за пасоши, како и самостојно да ја поминат бординг-картата на читачот поставен за оваа намена. 
Забрането е патниците да седат еден до друг во чекалниците, а сите седишта се специјално обележани со цел одржување на безбедната физичка дистанца. За максимална безбедност на патниците, ТАВ Македонија го интензивираше чистењето и дезинфекцијата на сите површини на аеродромот, особено на местата кои најчесто се допираат, а вентилацијата во терминалната зграда е исто така подобрена со соодветен систем. Поради новите протоколи за работа, им препорачуваме на патниците да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред времето на полетување, за да имаат доволно време да ги завршат сите процедури и да уживаат во патувањето.

МАРИЛИ: Со каква стратегија планирате да го амортизирате ударот што го предизвика пандемијата и какви се Вашите предвидувања какви резултати ќе покаже македонскиот ависообраќај на крајот на 2020?
ЕРОСЈ:
Во 2020 година дефинитивно ќе имаме намалување на вкупниот број на патници споредено со 2019 година и со претходните години кога имавме двоцифрен пораст на годишниот број на патници. Во секој случај, оваа криза ни покажа дека е неблагодарно да правиме проекции во смисла на бројки, бидејќи ситуацијата во светски рамки се менува многу брзо.
Сè уште не знаеме како здравствената криза ќе се развива во следните месеци, дали македонските граѓани ќе можат да патуваат во земјите на ЕУ, или не, дали земјата ќе се соочи со нови рестрикции поврзани со патувањето во други земји во регионот и во светот.
Дури и сега, по повторното отворање на двата аеродроми, ние сме свесни дека треба да ги намалиме проектираните очекувања до крајот на оваа година, но исто така да бидеме подготвени дека следната 2021 ќе биде година на закрепнување.
Во секој случај, оптимист сум дека ситуацијата полека но сигурно ќе почне да се враќа во нормала, дека луѓето ќе ги почитуваат заштитните мерки и дека авиосообраќајот повторно ќе се користи во голема мерка, како најсигурен тип на превоз.

МАРИЛИ: На крајот, би сакале да ви поставиме едно лично прашање. Како функциониравте во овие кризни ситуации, со оглед на вашите професионални обврски? Останавте ли за време на пандемијата во Македонија или пак, бевте во Турција?
ЕРСОЈ:
Јас сум во Македонија од почетокот на пандемијата. Периодов е навистина предизвикувачки за мене од приватен и од професионален аспект. Од една страна, тука е застрашувачкиот момент кога се обидувате да го заштитите семејството од вирусот и стравувате за здравјето на најблиските кои не се до вас, додека од друга страна вложувате максимални напори да овозможите одржливост на компанијата и да ги задржите сите работни места во ситуација кога приходите на аеродромите практично се сведени на нула. Деновите ми се исполнети со постојано следење на актуелните информации во авиобизнисот на меѓународно ниво, комуникацијата со тимот на ТАВ Македонија, но и со колегите од холдингот ТАВ Аеродроми. Сепак, морам да признаам дека целата ситуација и вонредните услови ми овозможија да поминам повеќе квалитетно време со моето семејство.

 

Содржината е прочитана 60 пати.