МАКЕДОНИЈА

Во 2019 година имало најмал раст на пензиите во Македонија од само 1,1 отсто

Според евиденцијата на ПИОМ, која се води од 2007 година, последното најмало зголемување на пензиите било забележано во 2010 година - 1,4 отсто, додека најголемо имало во 2008 година кога пензиите биле зголемени за 21,66 проценти

вторник, 21 јули 2020

Минатата година бил забележан најмал раст на пензиите во Македонија. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во својот извештај за 2019 наведува дека усогласувањето на пензиите било 0,7 отсто на 1 јануари 2019 и 0,4 отсто на 1 јули истата година, односно, пензиите биле усогласени за вкупно 1,1 проценти.

Со извршените усогласувања просечната пензија во декември 2019 изнесувала 14.602 денари, што е за 1,1 отсто повисока во однос на 2018 година кога просечната пензија изнесувала 14.445 денари. Во извештајот на ПИОМ се наведува дека зголемувањето е резултат на извршеното редовно усогласување на пензиите во 2019 година, како и на висината на пензиите на новите корисници на пензија.

Според евиденцијата, која се води од 2007 година, последното најмало зголемување на пензиите било забележано во 2010 година - 1,4 отсто, додека најголемо зголемување имало во 2008 година кога пензиите биле зголемени за дури 21,66 проценти.

Се предвидува дека сумата за редовна исплата на пензиите значајно ќе расте во следните две години, а ќе се зголемува и бројот на пензионери. Проекциите во Стратегискиот план 2020 – 2022 година на државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување укажуваат дека во 2022 година за редовна исплата на пензии ќе бидат потребни повеќе од 1 милијарда евра.

Лани биле евидентирани 324.039 пензионери, што е 6.761 корисници повеќе од претходната, 2018 година. Во 2022 година, пак, ќе има 10.153 нови крисници на пензија, што значи дека за толку ќе биде поголем бројот на пензионери во однос на годинава.
 

Содржината е прочитана 81 пати.