Интервјуа

Човечкиот потенцијал е огромен и треба постојано да се развива

Интервју со Лидија Таскова Попова, генерален менаџер на ЕСП - Развој и управување со човечки ресурси во кое зборува за четирите оддели кои успешно функционираат во ЕСП, ја објаснува целта на развојната стратегија на компанијата - изградба на капацитети во насока на задоволство на клиентот и градење апсолутна доверба кај клиентот, а говори и за личното задоволство што може да ги пренесува стекнатото знаење и искуство на сите што ги посетуваат работилниците, обуките и коучинг-сесиите на ЕСП

понеделник, 20 јули 2020

МАРИЛИ: Госпоѓо Таскова Попова, што Ве инспирираше да ја основате Вашата компанија, низ кои едукации поминавте и во кои се сфери на развој и управување на човечки ресурси работите?
ТАСКОВА ПОПОВА:
„Повисоки од сите огради“ е наслов на фотографијата во една монографија за Скопје што го прочитав кога имав 10 години. Тој наслов ми стана мото и до ден-денес ми е инспирација и двигател што ме води во работата и во животот воопшто. Со текот на годините постојано ми се потврдува дека тоа е вистина. Кога ќе се насочиме со целосна посветеност, организираност, осмислен план, фокус, храброст, верба во себе и во своите способности, тогаш стануваме повисоки од сите огради и секоја можна препрека е совладлива.
Во Лондон заминав во 1990 година, каде што ги завршив студиите по технологија на информатички системи на Универзитетот „Лондон Гилдхол“ и се стекнав со знаење за сите деловни процеси во една организација и за спроведување на стратегиски и на оперативни бизнис-модели во едно претпријатие. По враќањето во Скопје, во 1999 година, во партнерство ја основав ЕСП - Развој и управување на човечки ресурси. Уште од самиот почеток фирмата ја развивавме во четири насоки, и тоа: превод и толкување, обука по странски јазици, компјутерска едукација и обуки, работилници и советување за личен и за професионален развој. Како генерален менаџер, горда сум што секој од овие четири оддели на ЕСП успешно функционира и се развива во насока на целосно исполнување на потребите на клиентите, како на домашниот, така и на странскиот пазар. Во тој контекст, квалитетот на услугите е на прво место.
Магистрирав на Универзитетот „Шефилд“ во Солун во областа на менаџментот. Од Бирото за развој на образованието на Република Македонија сум акредитирана како обучувач на возрасни и обучувач на обучувачи. За целите на мојот личен и професионален развој посетував обука и за системска динамика, како семејна, така и деловна, која ги проучува меѓучовечките односи и во приватните и во деловните сфери. Во процесот станав сертифициран НЛП мастер практичар, НЛП капитал коуч и ПЦМ коуч и коуч за тимови со високи перформанси.
Личниот и професионалниот развој носи позитивни промени не само во деловната средина туку и во средината во која живееме и мене ми претставува огромно задоволство што можам да ги пренесувам стекнатото знаење и искуство не само во ЕСП туку и на клиентите што ги посетуваат работилниците, обуките и коучинг-сесиите за нивно деловно и лично подобрување. Темите што најчесто ги обработувам се: развој на лидерство, уметност во комуникацијата, развој на успешни тимови, техники на продажба и преговарање, иновативност и креативност, справување со конфликти, справување со стрес, управување со време, тренинг на тренери, мотивација, ангажираност на работното место и други. 
Одамна работата ми претставува задоволство и нешто што докрај ме исполнува. Се вложувам целосно и со многу љубов во секој момент и во секој проект. Секако, и тимот на ЕСП, кој е професионален и посветен на работата, целосно е заслужен за успехот на фирмата.

МАРИЛИ: Како авангарда во секторите во кои опстанувате, кои се основните цели на Вашата развојна стратегија?
ТАСКОВА ПОПОВА:
Во текот на своето 21-годишно работење, ЕСП - Развој и управување на човечки ресурси има опслужено голем број домашни и странски клиенти. Од нашите клиенти постојано добиваме потврда за квалитетот и за професионализмот на тимот на ЕСП во извршувањето на услугите во вид на усни и писмени благодарници, а тоа ни ги дава сигурноста и потврдата дека се движиме во вистинска насока и дека не отстапуваме од нашата цврста заложба за врвна квалитетна услуга. Се разбира, понекогаш корисниците на нашите услуги се и позитивно критични во однос на нашата работа, а тоа само ни помага постојано да се усовршуваме. Уште од самиот почеток сме свесни дека само преку градење партнерски односи со клиентите може целосно да одговориме на нивните барања, а со самото тоа и ние да растеме и професионално да се надградуваме. Токму затоа и основна цел на нашата развојна стратегија е изградбата на капацитети во насока на задоволството на клиентот, како и градење апсолутна доверба кај клиентот дека бараната услуга ќе биде целосно испорачана и во согласност со неговите очекувања.
Нашиот Оддел за превод и толкување гарантира стручност, течност и прецизност, како кај писмените, така и кај усните преводи на конференции, семинари, обуки и други настани. Заради комплетно опслужување на клиентите, ЕСП обезбедува и опрема за симултан превод, како и целосна организација на настанот. Како илустрација, во текот на годината, во просек, преведуваме повеќе од 12.000 страници на 34 јазици и имаме над 200 дена толкување. Одделите за обука и за едукација, исто така, успешно функционираат. Во текот на годините успешно организиравме и реализиравме голем број проекти поврзани со личниот и со професионалниот развој на територијата на Македонија преку наставата за странски јазици и компјутерска едукација, како и преку обуки и коучинг-сесии. Во досегашните проекти за стекнување и надградба на деловните вештини, обуки и работилници посетуваа невработени лица, жени на возраст од 27 до 50 години, лица од социјално загрозени средини, лица од ромската заедница, деца без родители, наставници во основните и во средните училишта, вработени во невладини и во владини сектори, вработени во деловната заедница и многу други. 

Дел од проектите овозможуваат стекнување деловни вештини за да се подобрат можностите за вработување, а другите се фокусираат на личната и на деловната надградба за подобрување и напредок во деловното работење. Само во претходните две години повеќе од 1.000 лица посетуваа работилници, обуки и коучинг-сесии за личен и за професионален развој. Во моментов, 483 лица посетуваат онлајн-настава по странски јазици специјализирана од областа на туризмот, проект што целосно е поддржан од ЛРЦП, а во целина се имплементира од МАКС (Македонска асоцијација за квалитет во наставата по странски јазици), каде што ЕСП е еден од основачите, полноправна членка, a наедно и изведувач на наставата. 

МАРИЛИ: Кое е мотото со кое постојано се водите во работата?
ТАСКОВА ПОПОВА: Мотото на ЕСП е „Развивај го човечкиот потенцијал“. И тоа не се однесува само на нашите клиенти што го развиваат својот потенцијал посетувајќи ги нашите обуки, туку силен фокус ставаме и на развивањето на внатрешниот потенцијал на ЕСП, односно на потенцијалот на нашиот тим. Човечкиот потенцијал е огромен и треба постојано да се развива, а исто така и да се поттикнуваат развојот и напредокот и кај другите. Најбитно од сѐ е да се осознаеме себеси, реално да ги согледаме нашите способности и можности, како и реално да ги согледаме нашите слаби страни. Само така ќе знаеме во кој дел треба да се развиваме и да се надградуваме, а во кој дел треба да се стекнеме со нови знаења и вештини и понатаму да ги развиваме и да ги надградуваме. Врз тој принцип се темели и целокупното деловно работење на ЕСП.  
МАРИЛИ: Искуството со пандемијата на коронавирусот покажа дека онлајн- едукацијата станува неопходна потреба. Какви се Вашите впечатоци, како тоа е прифатено меѓу Вашите клиенти?
ТАСКОВА ПОПОВА:
Воведувањето онлајн-настава беше дел од нашиот план за развој на Одделот за едукација уште во 2018 година и тоа почнавме да го спроведуваме во 2019 година. Во тој период немаше голем интерес за таков вид настава, главно поради тоа што голем дел од слушателите не беа подготвени за таква промена и се чувствуваа покомотно со традиционалниот начин на едукација на кој беа навикнати. Со појавата на вирусот, донесените мерки и поради неопходноста од физичко дистанцирање, се сменија барањата и потребите на клиентите во однос на начинот на изведување на наставата. Клиентите веќе со леснотија и без никаков отпор ја прифаќаат, па можам дури и да кажам дека ја претпочитуваат онлајн-едукацијата. Верувам дека прифаќањето поинаков начин на настава се должи на тоа што клиентите ги согледуваат придобивките од онлајн-обуката, од една страна, како и на тоа дека желбата за учење и надградба е посилна од веќе стекнатите навики во процесот на учење, од друга страна. Многу ме радува и леснотијата со која се приспособија клиентите и луѓето, воопшто, како и нивната флексибилност во една ваква не така лесна кризна ситуација. Поминавме и низ една општа светска пауза, која нѐ принуди да дејствуваме во позитивна смисла и да иницираме и да примениме висок степен на креативност и иновативност во деловното работење. И покрај тоа што сѐ уште е неизвесно во кој правец ќе се движи пандемијата, а со самото тоа и деловното работење, долгогодишното искуство и зацртаната деловна стратегија ни овозможуваат пристап што вклучува флексибилност и лесно и брзо приспособување на новонастанатите ситуации. Верувам дека клиентите ќе бидат поотворени кон ваквиот начин на онлајн-едукација и дека ќе бидат поподготвени да ја прифатат и по завршувањето на кризата.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер етаблирана во нашето општество, а минатата година се стекнавте и со регионалната награда „Дама и џентлмен године региона 2019“. Кој Ви ја додели оваа награда и за какви професионални резултати?
ТАСКОВА ПОПОВА:
Освен во вид на резултати во работењето, потврдата за соодветноста и ефикасноста на моето работење дојде и во вид на многубројни признанија и благодарници. Како една од основачите, активно сум вклучена и во проектите на Здружението за квалитет на наставата „МАКС“, каде што сум претседател повеќе од пет години. Со големо задоволство го примив признанието во 2015 година од Британскиот совет за успешно спроведените проекти од Здружението „МАКС“. Друга потврда за тоа дека сум на вистинскиот пат и огромна мотивација ми беше и прогласувањето за една од десетте најуспешни жени менаџери во Македонија за 2017 година од агенцијата „Марили“. Регионалното признание „Дама и џентлмен године региона“ традиционално секоја година им се доделува на истакнати личности од јавниот, деловниот и од социјалниот живот, а јас го добив во октомври 2019 година на манифестацијата во хотелот „Тонати“ во Врњачка Бања.За мене тоа претставуваше навистина големо задоволство и нов поттик да продолжам да се развивам на професионалното поле. Исто така, за мене, а верувам и за секого, признанијата и потврдите од таква природа претставуваат голема мотивација и двигател за уште поголеми деловни успеси и остварувања.
МАРИЛИ: Какви планови имате за идниот развој на ЕСП - Развој и управување со човечки ресурси?
ТАСКОВА ПОПОВА:
Во новонастанатата ситуација во светот тимот на ЕСП ја покажа и ја докажа својата подготвеност, флексибилност и професионализам во работењето. Тоа е потврда дека ЕСП е повисоко од сите можни огради, што ме движи и ме поттикнува постојано да повлекувам уште поголеми и поамбициозни потези во деловното работење во светски рамки. Можностите се неограничени, технологијата е достапна за секого, а јас имам безрезервна доверба во способноста, креативноста, иновативноста и во решеноста на тимот на ЕСП да освојува нови пазари на глобално ниво.
 

Содржината е прочитана 548 пати.