МАКЕДОНИЈА

Десет видеа за развој на домашниот туризам во рамки на кампањата „Дома си е дома“

Во видеата се прикажани различни активности – јавање коњи, возење велосипед, параглајдерство, нуркање низ различни локации во земјава кои може да им бидат на располагање на туристите

петок, 17 јули 2020

Десет видеа во кои се прикажани различни активности – јавање коњи, возење велосипед, параглајдерство, нуркање низ различни локации во земјава, а кои може да им бидат на располагање на туристите изработи Агенција за промоција и поддршка на туризмот со Швајцарската агенција за развој и соработка во рамки на кампањата „Дома си е дома“.

Целта на овие видеа е мотивација на домашните туристи да ја откријат својата омилена дестинација.
Директорот на Агенција за поддршка на туризам, Љупчо Јаневски на денешната прес-конференција истакна дека за десетина дена во снимање на овие прекрасни 10 видеа се поминати околу 4.200 километри и 160 часови теренски работи.

Во видеата, појасни директорот, се прикажани околу 30 дестинации во кои има над 80 атракции, дел видени дел можеби не. Исто така и 28 градови, градчиња, села, населени места кои доколку се посетат, државава можеби ќе се види на еден поразличен начин.

„Тоа што започна пред 2,5 до 3 месеци во средина на Ковид-кризата израсна во нешто што се вели ’Дома си е дома’. Целото човештво беше исправено пред еден голем предизвик, а секако еден од секторите како што е туризмот е еден од најпогодените од почетокот на самата криза. Целта е да ги мотивираме домашните туристи да ја откријат својата дестинација, бидејќи во 2019 година 32 проценти од вкупниот број на туристите биле домашни. Во 2020 година тој број поради Ковид-кризата ќе биде поголем и очекувам од септември да почнеме со уште поголема кампања“, рече Јаневски.

Нашата држава, според швајцарска амбасадорка во земјава, Сибил Сутел Техада е прекрасна земја со многу места кои го одземаат здивот, но луѓето понекогаш немаат информации околу тоа со какви активности може да се занимаваат на одредена локација. Токму затоа, како што рече амбасадорката овие видеа ќе ги инспирираат луѓето да се пуштат во авантура и да ја доживеат својата држава на еден поинаков начин.

„Швајцарија го поддржува активниот туризам во земјава од 2013 година и сигурни сме дека вашата држава има потенцијал да се развие во одржлива туристичка дестинација. Активниот туризам има позитивен финансиски ефект врз локалните заедници, бидејќи многу мали локални бизниси учествуваат во овие туристички активности. Активниот туризам има минимално негативно влијание врз животната средина“, рече таа.

За жал, укажа, пандемијата со Ковид-19 го исправи светот пред многу предизвици, а ова особено важи за туристичкиот сектор, но секој предизвик носи и можности, а можностите за туристичкиот сектор се подобар пристап за домашните туристи, а наскоро и за странските.

Според амбасадорката Техада оваа кампања е симбол на соработка и важно е во неа да се вклучат сите туристички чинители и да ја искористат во промоција на нивната понуда.

 

Содржината е прочитана 72 пати.