Бизнис вести

Потпишан договор за соработка меѓу коморите на сметководители и на проценувачи

четврток, 09 јули 2020

Комората на сметководители на Македониј при ССК и Комората на проценувачи денеска потпишаа договор за соработка со цел креирање платформа за заедничко делување со акцент за подобрување на квалитетот на работа, на националната легислатива, како и унапредување на демократските процеси од сферата на взаемен интерес. Договорот го потпишаа претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски и претседателот на Комората на проценувачи, Антонио Георгиев.

„Еден од нашите главни приоритети ќе биде насочен и кон развој и мотивирање на младите преку одржување стручни обуки со цел развивање на потребните вештини. По примерот на европските земји ќе се вложиме за примена на европските практики во начинот на работа со цел подигнување на угледот и конкурентноста како на сметководителите, така и на проценителите“, рече Митковски.

Тој додаде дека во фокусот на заедничката соработка ќе биде промоција на европската легислатива и европските законски одредби, стандарди и регулативи, но и заедничко учество на меѓународни проекти за квалификација, обука и истражување од европските и националните фондови.

Претседателот на Комората на проценувачи Георгиев истакна дека со овој договор и зацртаните цели за реализација во периодот кој следи ќе се придонесе кон унапредување на работата на двете комори и членовите кои се занимаваат со овие дејности.
 

Содржината е прочитана 148 пати.