Бизнис вести

Извештај на ОЕЦД: „Република Северна Македонија со најдобра бизнис-клима во регионот“

ОЕЦД за прв пат го изработува извештајот за регионот за Западен Балкан и содржи над 40 индикатори кои се однесуваат на јавна администрација, јавни финансии, буџетски практики и процедури, јавни набавки, дигитална влада...

четврток, 09 јули 2020

Република Северна Македонија има најповолна бизнис-клима во регионот, а исто така има и помалку фискални ризици во однос на другите земји. Ова се вели во извештајот на ОЕЦД за земјите од Западен Балкан („Government at a glance: Western Balkans 2020“) во кој се нотира дека земјава има подобри резултати во однос на просекот на земјите на ОЕЦД и од просекот на земјите на ОЕЦД коишто се членки на ЕУ.

Во извештајот се наведува и дека нашата земја одржува редовни дијалози со приватниот сектор, за разлика од останатите земји од Западен Балкан кои многу поретко се вклучуваат во ваков дијалог.
ОЕЦД за прв пат го изработува извештајот за регионот за Западен Балкан и содржи над 40 индикатори кои се однесуваат на јавна администрација, јавни финансии, буџетски практики и процедури, јавни набавки, дигитална влада...

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, која денеска учествуваше на онлајн промоција на извештајот рече дека земјата ја дочека кризата наметната од пандемијата со здрав финансиски систем и стабилизиран државен долг понизок за околу 10 процентни поени во однос на просекот на земјите од регионот, како и дека и покрај кризата, се работи на реформите согласно Стратегијата за реформи во јавните финансии. Таа истакна дека мерките за справувањето со кризата од Ковид-19 се дизајнирале многу внимателно, таргетирано и со јасни цели и очекувани ефекти за да го дадат максималниот ефект со ограничените ресурси, водејќи сметка за фискалниот простор.

„Дизјаниравме три обемни пакети на антикризни мерки коишто вклучуваат даночни олеснувања, субвенции на плати, ваучери и платежни картички кои ја поддржуваат приватната потрошувачка, финансиска поддршка за инвестициите и конкурентноста итн. Овие мерки играа значајна улога во справувањето со кризата, а повторно успеавме да задржиме фискален простор доколку се јави потреба за дополнителни интервенции“, рече Ангеловска.

На онлајн презентацијата на извештајот учествуваа и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министри за финансии од другите земји опфатени со извештајот, претставници од Директоратот за проширување на Европската Унија, како и други високи претставници.

 

Содржината е прочитана 171 пати.