Бизнис вести

Во ТИРЗ Тетово почна со работа фабрика за производство на стакло „Глас Флекс“

Вредноста на инвестицијата, која е македонско-холандски капитал е девет милиони евра, а предвидени се 300 вработувања. Во неа ќе се произведува калено, ламинирано и друг вид специјализирано стакло

среда, 08 јули 2020

Во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово денеска почна со работа фабриката за производство на стакло „Глас Флекс“. Вредноста на инвестицијата, која е македонско-холандски капитал е девет милиони евра, а предвидени се 300 вработувања.

„Глас Флекс“ се простира во објект од 8.500 квадратни метри и во неа ќе се произведува калено, ламинирано и друг вид специјализирано стакло.

„Фабриката е со најмодерна линија за производство на стакло, единствена на Балканот која користи најмодерна технологија со целосно автоматизиран процес. Се работи претежно за извоз, 80 проценти од производството се продава на пазарите на поранешните југословенски републики и западноевропските држави“, рече Гоце Пешов, менаџер во „Глас Флекс“.

Министерот за економија, Крешник Бектеши изрази задоволство што за само една година од кога беше потпишан договорот преку приватен партнер кој управува со Слободната економска зона во Тетово, денеска се одбележува почетокот на работата на производствениот капацитет.

„За мене е уште поважно што токму во овој период на пандемија, Владата, Министерството за економија и сите други институции кои се поврзани со создавањето услови за развој на слободните економски зони, дадоа се од себе да не запре работата и денес имаме можност да видиме како започнува производството на првите производи кои главно ќе бидат наменети за извоз“, рече Бектеши.
 

Содржината е прочитана 92 пати.