Интервјуа

Осигурувањето не ги штити само поединецот и семејството туку цела економија

Интервју со Вилма Учета Дузлевска, генерален директор во Кроација осигурување неживот во кое говори за нејзиниот денешен ангажман во секторот за неживотно осигурување откако претходно цели осум години беше на чело на животното осигурување во Кроација, за работењето во услови на пандемија и за новото Доброволно приватно здравствено осигурување, како и за тоа што ја прави среќна покрај кариерата и професионалниот развој – семејството и стабилниот семеен живот исполнет со меѓусебно разбирање

вторник, 07 јули 2020

МАРИЛИ: Веќе неколку месеци сте прв човек на Кроација осигурување неживот. По цели осум години на чело на Кроација осигурување живот, период во кој успеавте да ја поставите компанијата на лидерската позиција на животното осигурување во Македонија, кој беше предизвикот да се зафатите со менаџирање на една проблематика што има значително подолга традиција?
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА:
Речиси една деценија извршувам главна извршна функција во рамките на брендот Кроација Осигурување. Во два мандата, колку што ја водев Компанијата за животно осигурување, изградивме компанија што стана лидер на пазарот за животно осигурување и препознатлив бренд на македонскиот пазар. Во период од осум години успеавме двојно да го зголемиме капиталот, 140 % над законскиот минимален цензус и тоа низ процес на органски раст и како резултат на акумулирани добивки од работење, четирипати ја зголемивме премијата за осигурување или во апсолутен износ 620 милиони денари, профитот на Компанијата го зголемивме за десетина пати во апсолутен износ и минатата година, според групациските стандарди, тој надмина 70 милиони денари. Компанијата за животно осигурување им ја предадов на нови млади менаџери, со лидерска позиција на пазарот за животно осигурување со високи 44 %. Денес Кроација осигурување - Живот има повеќе од 3 милијарди денари средства под управување, единствена на осигурителниот пазар во Македонија, во однос на 0,5 милијарди денари кога го презедов раководењето во 2012 година. Евидентни се бројките како сме растеле во изминатиот период. Токму затоа, растот и развојот на една мала компанија во вистински лидер го гледам како личен печат во мојата кариера. По постигнатиот успех беше логично да се размислува развојот да се продолжи во нова област, во секторот за неживотно осигурување, што лично го гледав како дополнителен мотив, но во тогашните расплети на групациско ниво тоа беше и наметнато решение. Мојот денешен ангажман е само логичен настан во низата поминати расплети што ги имаше компанијата, но кои секогаш резултираа со правилни одлуки. Доказ за тоа се резултатите што денес ги остварува компанијата.

МАРИЛИ: Како менаџер на Кроација осигурување – Друштво за неживотно осигурување, какви промени направивте во работењето, која е Вашата стратегија со која ќе ѝ се спротивставите на големата конкуренција во овој сегмент од осигурувањето? 
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА:
Добивајќи ја поддршката од целиот тим што го водам во изминатите шест месеци презедовме сериозни промени во деловната стратегија. Непосредно пред крајот на минатата година значително ги зголемивме резервите на компанијата, целосно го реорганизиравме процесот на решавање на штети, а со тоа реализиравме значителни исплати кон нашите осигуреници. За да може овој процес да го спроведеме на квалитетна основа, непосредно пред крајот на минатата година компанијата ја докапитализиравме со 1,2 милиони евра. Понатаму, компанијата претрпи целосна реорганизација што подразбираше воведување нова организациона структура, се спроведе оптимизација на трошоците, а во делот на управување со продажната мрежа имплементиравме нов систем со изменети услови што имаат цел да ја стимулираат продажбата на незадолжителните осигурувања. Аквизициските трошоци ги редуциравме до оптимално ниво, а притоа забележуваме раст и на премијата. Фокусот го ставивме на новите проекти што станаа дел од нашата развојна стратегија: нови производи во доменот на незадолжителните осигурувања, значително подобрување на информатичката структура, компанијата започна процес на сертификација за квалитет ISO што веќе е имплементиран и во завршна фаза на сертификација. Во јуни во продукција беше пуштена и нашата нова веб-платформа што пласира прецизни, транспарентни и визуелни информации, а таа е во согласност со воспоставените стандарди на Групацијата Croatia Osiguranje. Самиот факт дека во време на крупните реорганизации што ги спроведовме, кога бевме подготвени да изгубиме и дел од пазарот и во време на криза и опаѓање на целокупната економија, ние растеме во приходите од премија со околу 10 % и со над 70 % во профитот и тоа зборува дека се направени вистински процени за трансформацијата.

МАРИЛИ: Осигурувањето е исклучително развиена дејност во светски рамки. Според Вашето мислење, каде се наоѓа Македонија во споредба со светските трендови во осигурителната индустрија, колку е важна едукацијата на граѓаните, а особено на бизнис-секторот за прифаќање на новините во осигурувањето?

УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА: Искуствата покажуваат дека земјите што имаат развиен финансиски сектор уживаат побрз и постабилен долгорочен развој, а осигурувањето, пак, претставува една од важните алки за економскиот раст во националната економија. Секторот за осигурување не само што презема ризици и го намалува негативното влијание на штетните настани, туку придонесува за развој и на целокупното стопанство преку мобилизирање на заштеди, алокација на капиталот, намалување на невработеноста итн. Од тој аспект, кај нас зборуваме за недоволно развиен пазар, примарно насочен кон задолжително осигурување од автоодговорност и мала застапеност на незадолжителните класи. Иако ваквата поставеност е реплика на целокупното економско опкружување и развој на сите клучни економски параметри, не треба да се занемари и недоволната перцепција за потребата од осигурување. Просечната премија за осигурување на имот во Македонија изнесува само 30 евра, а европскиот просек изнесува 170 евра. Ова значи дека ние, во просек, помалку го осигуруваме сопствениот имот, а со тоа повеќе зависиме од сопствените средства и од помош од државата при големи штети. Осигурувањето не ги штити само поединецот и неговото семејство туку целата економија.
МАРИЛИ: Како кризата наметната од пандемијата на Ковид-19 се одрази врз работењето на Кроација осигурување? Кои се главните согледувања и поуки, особено за бизнис-секторот што во својата долгорочна стратегија мора да го вклучи и осигурувањето? Дали пандемијата Ви даде мотив плус да воведете нови производи како дополнителното здравствено осигурување и успешно да ги пласирате на пазарот на осигурување?
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА:
Светот во кој живееме се менува и се дигитализира, а моментната состојба го забрза овој процес. Кроација осигурување важи за компанија со изградени стандарди за иновација и следење на технолошките трендови во насока на брза дигитализација, лесна продажба и наше виртуелно присуство до секој осигуреник. Оттаму, можам да кажам дека од аспект на дигитализацијата на работните процеси и продажбата, бевме подготвени брзо да одговориме на предизвиците што ги донесе кризата со Ковид-19. Платформата за онлајн-склучување полиси за осигурување „МојаКроација“ веќе им е добро позната на нашите осигуреници.
Моментната состојба не ја намалува потребата на македонските граѓани за сигурност. Пандемијата не треба да не направи помалку одговорни. Токму затоа, следејќи ги потребите на нашите осигуреници, а по темелно и детално истражување на моментната понуда на пазарот, Кроација осигурување започна со продажба на Доброволно приватно здравствено осигурување. Формиран е Call-центар што ќе работи на целосно информирање и насочување на нашите осигуреници за доброволно здравствено осигурување, а услугите ќе можат да ги остварат во сите приватни болници во земјава.

МАРИЛИ: Во осигурителниот сектор нема многу жени на челни позиции. Сепак, наспроти ова, Вашата компанија потврдува дека жените одлично менаџираат. Сметате ли дека женското лидерство може да биде предност?
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА:
Женското лидерството не го гледам како ретка појава. Имено, сметам дека со економското јакнење на жените, со нивната постојана едукација, женското лидерство е во сериозен подем и во нашата земја. Секој поединец може да го достигне успехот само ако е фокусиран. Како жени, во ова општество во кое живееме понекогаш можеби сме дополнително изложени на препреките наречени „предрасуди“. Искрено верувам дека сѐ помалку луѓе имаат предрасуди од овој вид, барем моето искуство го зборува тоа. Докажувањето е нешто што го бара секоја позиција што сакаме да ја задржиме, независно дали е менаџерска или не и независно дали сте жена.

МАРИЛИ: Добитник сте на меѓународната награда Business Elite’s „40 under 40“ како еден од најдобрите менаџери до 40 години во Југоисточна Европа од Меѓународната комисија на Business Elite Awards со седиште во Торонто. Кажете ни накратко за каква награда станува збор и што значи за Вас едно вакво признание?
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА:
Business Elite Awards (businesseliteawards.com) е бренд на Global Top Brands Awards, специјално креиран за да препознае и да им даде признание на најуспешните бизнисмени во светот и да ги поврзе меѓусебно со цел да се зголемат можностите за проширување на бизнисот и да се зголеми профитот. Голема чест ми е што Бордот составен од признати бизнисмени и јавни личности од Европа и од светот го препознаа мојот труд и ме избра меѓу добитниците на годинашната награда Business Elite’s „40 under 40“ најуспешни млади бизнис-лидери од Југоисточна Европа што ќе биде одржана на 15 октомври во Милано. Како лидер не сум поединец и токму затоа наградата не ја гледам како сопствен успех, туку како достигнување на мојот тим и признание за моето семејство.

МАРИЛИ: Да се биде на чело на една компанија речиси една деценија, а притоа континуирано да се нижат успеси, несомнено бара многу одрекувања. Вие сте и сопруга и мајка на две малолетни деца, па како успевате да ги усогласите приватните и професионалните обврски?
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА:
Живееме во динамично време и сите сме растргнати меѓу семејните и деловните обврски. Мојот семеен живот е стабилен, богат со убави моменти и со меѓусебно разбирање. Кариерата и професионалниот развој е тоа што ме исполнува, но семејството е тоа што ме прави среќна. Поддршката што ја добивам од сопругот во голема мера е заслужна за мојот успех. Од почетокот на мојата кариера, па до денес ние сме заедно во ова кариерно патување бидејќи, ако лицето до вас нема иста визија и вредности како вашите, тогаш или трпи професијата или семејството. Токму затоа сум благодарна на тоа што го имам. А целта како родители е на децата да им помогнеме да го најдат вистинскиот пат по кој ќе одлучат да се развиваат.
 
Содржината е прочитана 1053 пати.