Бизнис вести

Извозот за пет месеци се намалил за 27,4 отсто

вторник, 07 јули 2020

Извозот на стоки од земјава од јануари до мај годинава бележи пад од 27,4 отсто во однос на истиот период лани, додека увозот е намален за 22,9 отсто, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Вредноста на извозот во овие пет месеци годинава изнесува 2,15 милијарди долари, а вредноста на стоката увезена во истиот период е 3,01 милијарди долари. Трговскиот дефицит, во перидот јануари ‒ мај 2020 година, според ДЗС, изнесува 866, 4 милиони долари.

Во извозот најголемо учеството имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари ‒ мај 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.
 

Содржината е прочитана 79 пати.