Бизнис вести

Минималната плата зголемена, за јули изнесува 14.934 денари

Ова усогласување беше законски направено уште пред корона-кризата, но Владата со Уредба со законска сила поради пандемијата во април ја замрзна минималната плата на ниво од 14.500 денари

понеделник, 06 јули 2020

Владата ја зголеми минималната плата за 434 денари и за јули нето платата изнесува 14.934 денари. Во бруто износ, пак, заедно со давачките за придонеси минималната плата е 21.776 денари.

Ова усогласување беше законски направено уште пред корона-кризата, но Владата со Уредба со законска сила поради пандемијата во април ја замрзна минималната плата на ниво од 14.500 денари.

Сега, Министерството за труд и социјална политика во „Службен весник“ објави дека почнувајќи од овој месец минималната плата како бруто сума изнесува 21.776 денари.

Според пресметките, од бруто платата 18,8 проценти или 4.094 денари се придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, а 7,5 проценти, односно 1.633 денари одат за задолжително здравствено осигурување. Други 0,5 проценти или 109 денари се земаат за дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај на повреда и професионално заболување и 1,2 отсто или 261 денар за придонес за задолжително осигурување во случај на невработеност, односно за придонесот за вработување .

За придонеси од бруто платата се зафаќаат вкупно 28 проценти или 6.097 денари. Од остатокот се пресметува данокот на личен доход од 10 проценти на намалена основица, па остануваат 14.934 денари.
 

Содржината е прочитана 185 пати.