Култура

Со концертот „Скопје во три бои“ денеска почнува „Скопско лето“

Влезници ќе се продаваат по симболична фестивалска цена од 100 денари, онлајн преку: kupipartizase.com или во салонот на „Југотон“ во ГТЦ

понеделник, 06 јули 2020

Со концертот „Скопје во три бои“ вечерва официјално ќе биде отворено 41-то издание на фестивалот „Скопско лето“. Со почеток во 20,30 часот во Сули ан ќе настапат Душко Георгиевски – вокален изведувач и флејта, Ратко Даутовски – ударни инструменти, Емил Адамски – кавал и акустичен бас, Бајса Арифовска – пијано, тамбура, виолина, кларинет и Благоја Алачки – гитара.

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје (ДКУС) фестивалот, кој традиционално почнува на 21 јуни годинава ја прилагоди на новите околности наметнати од пандемијата со Ковид-19 и ја организира почитувајќи ги протоколите за организација на јавни настани. ДКУС соопшти дека согласно објавените протоколи бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитување на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција. Влегувањето на публиката во Сули ан ќе почне половина час пред концертот, односно во 20 часот.

Влезници ќе се продаваат по симболична фестивалска цена од 100 денари, онлајн преку: kupipartizase.com или во салонот на „Југотон“ во ГТЦ.

Програмата на „Скопско лето“ ќе трае четири дена. На 7 јули во Сули ан со почеток во 20,30 часот ќе има јубилеен концерт на Пламенка Трајковска квинтет, на 8 јули од 20,30 часот во Музејот на македонската борба ќе се одржи концерт на „Ад Либитум“ трио, на 9 јули ќе има онлајн-промоција на книгата „…Kao ti i ja…/…Како ти и јас…/… Like You And Me…“ – љубовно-патописна поема инспирирана од младоста на Никола Тесла на авторот Тони Манџуковски-Манџук (со видеопроекција во „Тесла-бар“ од 20,20 часот) и на 10 јули од 21 часот во Сули ан ќе може да се проследи монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во изведба на Бобан Алексоски и во продукција на Театар „Златен Елец“.

 

Содржината е прочитана 101 пати.