Бизнис вести

Ангеловска: „Закрепнувањето е почнато, приходите во буџетот се подобри од очекувањата“

Министерката за финансии посчи дека и покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија во услови на справување со Ковид-19, извршувањето на буџетот се одвива по план, а ликвидноста е обезбедена

четврток, 02 јули 2020

Реализацијата на вкупните приходи во буџетот е подобра од очекувањата. Во јуни таа е пониска за 9,6 отсто во однос на јуни минатата година, а во сценариото бевме подотвени за 20 проценти пониски приходи, рече денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.

И покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија во услови на справување со Ковид-19, извршувањето на буџетот се одвива по план, а ликвидноста е обезбедена. Министерката оцени дека преземените мерки даваат резултат, а се очекува постепено опарување на домашната економија и во третиот и во четвриот квартал од годинава, особено што истото ќе биде поддржано од реализација на третиот сет мерки наменети за заживување на економската активност.

„Денеска информираме за реализацијата за месец јуни, како и вкупно за целото прво полугодие од 2020 година. Она што радува е дека резултатите се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и може да оди и побрзо од очекувањата. На приходната страна, кумулативно од почетокот на годината се уште се забележува пад. Сепак, тој е значително ублажен, а кај одредени давачки се забележува дури и висок раст во споредба со истиот период минатата година“, рече Ангеловска.

Таа појасни дека во периодот јануари – јуни вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44 отсто од ребалансот (годишниот план), или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова, како што додаде, е за 9 отсто помалку во однос на истиот период лани, а процентот на остварување во однос на планот е речиси ист како и минатата година. Тоа, според неа, укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите.

Министерката појасни дека даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13 отсто на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари. Досега се реализирани 44 отсто од планот, што е речиси непроменета реализација во однос на планот споредено со лани.

„Само за јуни, согласно сценариото од ребалансот проекциите беа во надолна линија со очекуван пад од нешто над 20 отсто, додека остварениот пад е 14,4 отсто. Ова е позитивна разлика од околу 700 милиони денари. По падот од 31 отсто и 29 отсто во април и мај респективно се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците“, потенцира Ангеловска.

Кај приходите од персонален данок на доход има позитивни движења и во второто тримесечје движењата по месеци се -11,7 отсто во април, -25,7 отсто во мај, за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка 1,7 отсто. Ова, како што рече министерката, во голем дел се должи на мерките на Владата за помош во исплата на плати за фирми погодени од Ковид-19.

ДДВ исто така има позитивно движење. Во април и мај падот кај ДДВ беше -43,5 и -33 отсто, додека во јуни е -7,5 отсто. Негативните стапки опаѓаат во второто тримесечје. Повратот на ДДВ, посочи Ангеловска, исто така се одвива непречено и фирмите го добиваат повратот во регуларна динамика. Во услови на криза повратот на ДДВ во првото полугодие од 2020 е повисок за 660 милиони денари споредено со истиот период лани, или 6 отсто повеќе.

Ублажувањето на падот на приходите од ДДВ, меѓу другото се должи и на спроведените мерки за поттикнување на личната потрошувачка.

Министерката посочи дека се забележува позитивен тренд кај придонесите кои растат со стапка од 8 отсто, или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова, според неа, е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување работните места во борба против Ковид-19 кризата даваат резултат. Растот од 12 отсто на овие приходи покажува одлична респонзивност на стопанството на преземените мерки.

Расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки за справување со корона кризата.

„Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9 отсто на годишно ниво, или 10,2 милијарди денари што е 46,7 отсто од буџетираните расходи. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се должи на поддршката за фирми и граѓани погодени од Ковид-19 во износ од околу 5,4 милијарди денари, или 88 милиони евра. Повеќе од половина од поголемите расходи е токму исплата на ковид-програмите, а останатиот дел на повисоки пензи, социјална помош, повисоки плати на здравството, образованието“, рече Ангеловска.

Дефицитот во буџетот во првото полугодие е во износ од 25,9 милијарди денари, или 3,8 отсто од БДП и е согласно проекциите, односно се одвива според планираната динамика.

Министерката за финансии истакна дека целта е да се обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој во законски утврдените рокови, односно, вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските корисници, да нема заостанати обврски, како и да продолжи навремениот поврат на данок.

Тука се и мерките за поддршка што државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски.

„Непредвидливоста на оваа криза беше главна одлика. Презедовме мерки, донесовме ребаланс, приходите беа намалени за 25 отсто. Позитивно е што има раст и позитивни придвижувања кај данокот на личен доход и кај придонесите, кај ДДВ нема пад, што покажува дека има придвижување на економијата. Тоа уште повеќе го очекуваме со домашната платежна картичка. Може да биде и полошо, ние имаме позитивни придвижувања. Ова говори дека добро се справуваме и мерките даваат резултати, тоа радува. Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња да се трудиме уште подобро да ги направиме работите Ако се случи втор шок, ние сме подготвени да одговориме“, рече Ангеловска.

 

Содржината е прочитана 105 пати.