Култура

Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп се враќа со нов проект „Уметничко лето ЦСЛУ-Прилеп 2020 – Physical distance“

По извонредно плодната 2019 година и настапот на Internacional contemporary art fair „Art Tessalоniki“, ЦСЛУ-Прилеп се реорганизира приспособувајќи се на можностите и условите наметнати од пандемијата со Ковид-19 и ја покажува својата јасна порака дека за уметниците е неприфатлива социјалната дистанца, но физичката ќе ја испочитуваат за доброто на сите и ќе се водат по новите правила за сигурен тек на животот

недела, 28 јуни 2020

Минатата 2019 година за Центарот за современа ликовна уметност (ЦСЛУ) Прилеп беше многу долга година, работевме напорно на повеќе проекти кои имаа интердисциплинарен карактер, додека годинава, која е целосно поразлична и многу специфична, се враќаме со нов проект ’Уметничко лето ЦСЛУ-Прилеп 2020 – Physical distance’“, велат првите луѓе на ЦСЛУ, Горан Ристески и Јана Јанеска Ристески. 

Уметничкото лето за 2019 година помина одлично, имавме изложби и презентации на книжевни дела меѓу кои се изложбата на ликовна колонија Пелинце – Куманово 2018, изложбата на фотографии од „ЛАЗАРКИ-традиционални женски обреди од Струшко поле и Дримкол“ од автор Анита Ѓорѓиоска Талевска, како и презентација на книгата „Муабети за личен развој“ на авторите Огнен Јанески и Елена Антоновска и фестивалот „Со Марко на улица 2“.

„Но, со сигурност можам да потврдам дека најголемиот успех за нас во 2019 година беше можноста за презентација на уметнички дела од збирката на ЦСЛУ-Прилеп на саемот за современа уметност во Солун, Грција – ’Internacional contemporary art fair „Art Tessalоniki’. Имавме можност да ги согледаме работите од малку поинаков агол и да извлечеме добри заклучоци за правецот во кој се движиме. Интересот се покажа голем, а искрено и нивниот пристап кон уметноста позитивно ме изненади. Достоинствен пристап кој многу се разликува од нашиот, станува збор за многу повисоко ниво на комуникација“, вели Ристески. 

Додава дека имале планови и за оваа година, како впрочем и сите други, но оти некои работи не зависат од нас. Тешко е да се прилагодиш, особено ако си навикнат на брз ритам и континуирана ангажираност, но некогаш треба да се искористи одморот и покрај тоа што е принуден.
 

„Имавме време да го поминеме шокот и да размислиме како понатаму. Кај нас проблемот е поголем затоа што настанот има интернационален карактер. Ние секоја година соработуваме со уметници од целиот свет, една од поважните наши цели е и вмрежување на уметниците и отворање нови можности за нивна приватна и деловна комуникација. Моравме да се реорганизираме и да пробаме да се приспособиме на можностите и условите. Проектот со кој се враќаме на работа ’Уметничко лето ЦСЛУ-Прилеп 2020 – Physical distance’ ја покажува нашата јасна порака, за нас социјалната дистанца е неприфатлива, но физичката ќе ја испочитуваме за доброто на сите и ќе се водиме по новите правила за сигурен тек на животот“, велат првите луѓе на ЦСЛУ-Прилеп.
Официјалниот датум за старт на проекот ќе биде 01/07/2020, а ќе се реализира во форма на Ликовни работилници на кои ќе земат учество 15 уметници од Прилеп и од другите градови:

Интернационална сликарска колонија
- Мирослав Величковски-Мире, Куманово
- Дејан Божиновски-Коска, Куманово
- Наде Тоскоска, Прилеп
- Драган Михајлоски-Пижа, Прилеп
- Елена Димоска, Прилеп
- Маја Најдоска, Прилеп
- Ферди Булут, Прилеп
- Сандра Котевска, Битола
 
Интернационален скулпторски симпозиум во мермер „МЕРМЕР“
- Александар Наумоски, Скопје
- Филип Перески, Прилеп

Интернационално студио за пластика во дрво
- Владимир Симоновски, Битола

Интернационално атеље за скулптура во метал
- Марјан Стојаноски, Прилеп

Интернационално атеље за дигитална уметност
- Марија Стојаноска Петковски, Скопје
- Џошкун Алиевски, Скопје
- Дарко Талески, Прилеп

Оваа година ќе бидат избегнати интернационалните учесници за да не се отворат проблеми предизвикани од мометалната состојба што на глобално ниво ја предизвикува постоењето на вирусот COVID-19. Учесниците ќе престојуваат и творат во просториите на ЦСЛУ во Прилеп во период од 60 дена. Периодот на творење и престој во просториите е зголемен на 60 дена за да може полесно да се организираат учесниците и да можат да ги почитуваат протоколите, физичката дистанца како и заштитата од COVID-19, ќе имаат можност, доколку сакаат, делата да ги работат во домашни услови, таа можност е отворена за уметниците од другите градови, но ќе ја искоритат и дел од уметниците од Прилеп. Во овој период ќе се дружат и ќе ги создаваат уметничките дела кои ќе останат како производ од овој проект.

ЦСЛУ-Прилеп и оваа година ќе го одржи континуитетот и ќе ги почитува потребите на уметниците, ќе овозможи простор за работа и непречена креација на учесниците кои крајниот производ ќе го подарат на љубителите на уметноста.
„Уметноста и кутурата во вакви времиња трпат големи загуби, но во нашата држава години со ред ликовната уметност се соочува со големи проблеми за опстанок и појавата на оваа вонредна состојба предизвикана од вирусот COVID-19, доколку не се менаџира добро може во оваа област да предизвика трајни и големи последици особено во независната културна сцена од овој тип. Прилагодувањено на моменталните потреби е повеќе од важно за да може да се одржи континуитет и да се подобрат условите посебно кај ликовните уметници. Конечно, треба да им се овозможат услови да можат да продолжат со својата работа и да го одбележат времето во кое ние живееме. На крајот, уметноста е таа која остава белег и не презентира пред идните генерации“, велат Ристески.

Нема да биде изоставена и годишната изложба која во Прилеп во галеријата на ЦСЛУ-Прилеп се одржува секоја година и на истата ќе бидат презентирани уметничките дела создадени за време на овој проект. За жал, нема да има официјално отворање и ќе биде достапна за посета на интернет како on-line изложба, а за посетителите во самиот објект ќе има обезбедено заштитна опрема и дезинфекциски средства и истите ќе можат да ја посетат со почитување на протоколите за физичко растојание и заштита од моменталната состојба предизвикана од постоењето на вирусот COVID-19 на глобално ниво.

Од 1957 година со формирањето на првата Интернационална сликарска колонија (една од најстарите во Југоисточна Европа), па се до денес има континуирано ликовно творештво кое низ текот на годините Центарот за современа ликовна уметност успешно го негува и промовира преку формирање нови интернационални ликовни работилници (студија за уметничко изразување преку различни материјали и форми), атељеа за скулптура во мермер, метал, дрво, керамика, пластика, мозаик, графика, витраж, уметничка фотографија, meil-art, body painting и новата гранка digital art која стартува оваа година и е прилагодена на новонастанатата состојба предизвикана од вирусот COVID-19.

ЦСЛУ-Прилеп постојано работи на поттикнување и унапредување на ликовниот израз во насоки на социјално одговорна уметност, која води сметка за актуелниот момент во општеството и уметноста. Применува нови трендови во уметноста, истовремено збогатувајќи го фондот на уметнички дела, трендови, стилови во уметноста, материјали од кои се изработуваат делата и предизвикува нов простор за ликовен израз со уметничко-ангажирана содржина. Продолжува континуираната традиција на слободно уметничко изразување кое на крај резултира со готов уметнички производ.
 
Содржината е прочитана 891 пати.