Бизнис вести

Намалени давачките за регистрирање мали винарски визби

Висината на надоместокот се намалува од 10.000 денари на 1.500 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување вино до 30.000 литри годишно и на 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување вино над 30.000 литри

вторник, 23 јуни 2020

Владата ги олесни условите за упис во регистарот на производители на вино на физички лица и ги намали давачките за регистрирање мали винарски визби.

Висината на надоместокот се намалува од 10.000 денари на 1.500 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување вино до 30.000 литри годишно и на 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување вино над 30.000 литри.

Целта на ваквата одлука е да се мотивираат физичките лица кои произведуваат вино во домашни услови да се регистрираат во регистарот на производители на вино и на тој начин да можат легално да го пуштат во промет виното што го произвдуваат.

„Ваквите измени се направени со цел малите производители на вино кои имаат фамилијарни винарии да бидат ставени во законска рамка. Со оваа измена ќе се придонесе за праведност и правичност во однос на трошоците за регистрација на винарска визба, односно, висината на трошоците да соодветствува со капацитетот за производство и чување на произведеното вино и да им се овозможи на малите семејни винарии да бидат регистрирани во регистарот на производители“, велат од Министерството за земјоделство.

Оттаму додават дека намалувањето на висината на трошокот нема директно да влијае на намалување на приходите во буџетот на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), туку ќе ги зголеми поради интересот на околу 100 физички лица и мали винарии да се регистрираат во регистарот на производители на вино. Се проценува дека во текот на оваа година би се регистрирале 40 физички лица и мали производители, во следната 30, а во 2022 година 20 производители со што се очекува прилив на средства во буџетот на инспекторатот во износ од 135.000 денари за овие три години.
 

Содржината е прочитана 160 пати.