Бизнис вести

Хотелите денеска ги отвораат вратите за гостите

Сите хотелско сместувачки капацитети мора строго да се придржуваат и да ги применуваат препораките и посебните процедури за заштита на гостите од Ковид-19

понеделник, 22 јуни 2020

По неколкумесечна пауза поради воведените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, хотелите денеска повторно почнуваат со работа и ги отвораат вратите за да примат гости. Притоа ќе мора строго да да ги применуваат препораките и мерките пропишани со протоколот со кој се уредуваат процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, за прием и сместување на гостите, за работата на рестораните, употребата на тоалетите, како и да ги применуваат препораките за постапување при појава на случај со симптоми на Ковид-19.

Најпрво секој хотел ќе мора да обезбеди дезинфекциска бариера за обувки пред влезна врата и пулт за дезинфекција на раце. И гостите и вработените мора да носат заштитна маска, а на рецепција задолжително треба да има монтажна преграда од проѕирна пластика или стакло со отвор во долниот дел потребен за манипулирање со клуч и документи. Доколку пултот не е доволно широк треба да се обезбеди растојание од 1,5 до 2 метри. Плаќањето треба да се врши со кредитна картичка за да се намали ризикот од пренесување на заразата.

Се препорачува во холот при влезот да биде истакната „Welcome“ табла на која ќе има разбирлив текст за чекорите и препораките кои треба да се почитуваат за време на престојот. Хотелите може да нудат единечни или двојни соби со прилагодувања, а во објектите со повеќе кревети дозволено е сместување гости само од едно домаќинство.

Не е дозволено служење храна на шведска маса, ниту, пак, послужување на стоење на шанк и стоечки маси. Вработените кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и често да одржуваат хигиена на рацете, а масите и столовите треба задолжително да се дезинфицираат пред и по завршување на секој оброк. Масите треба да се прекриени со хартиени или најлонски чаршафи за еднократна употреба, а доколку се користат стандардни чаршафи, тогаш тие треба да се перат по секој послужен гостин. Масите не треба да бидат претходно сервирани. Забрането е да се користат заеднички отворени садови при сервирање кечап, сенф, сосови, масла, сол, шеќер кои се споделуваат на повеќе од една маса.

Одговорно лце треба да врши засилени внатрешни контроли на вработените за одржување на личната хигиена во сите фази на подготовка, прием и послужување храна, мора да има засилени санитарно-хигиенски мерки, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција.

Тоалетите треба редовно да се одржуваат чисти и притоа задолжтелно да се води евиденција за спроведеното чистење и употребата на соодветни дезинфекциски средства. Забрането е користење сушачи за раце во тоалетите, а се наложува задолжително користење хартиени бришачи за еднократна употреба.
 

Содржината е прочитана 33 пати.