Бизнис вести

Вкупно 53 микро и мали компании ќе бидат поддржани со 1,5 милиони евра од државата

Компаниите добија кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ преку јавниот повик за „Стартапувај 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој. Вкупната вредност на планираните инвестиции во првиот инвестициски бран изнесува 1,88 милиони евра

петок, 19 јуни 2020

Вкупно 53 микро и мали компании ќе бидат поддржани со 1,5 милиои евра од Фондот заиновации и технолошки развој (ФИТР) за да реализираат проекти во вкупна вредност од 1,88 милиони евра. Овие компании се добитници на кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ преку јавниот повик за „Стартапувај 2“ на ФИТР. Поддршката од 1,5 милиони евра ја обезбедува Владата во соработка со Светска банка.

„На овој повик се пријавија рекорден број компании, што кажува дека довербата на младите луѓе во системот, во институциите, во Фондот е навистина голема и токму затоа тие се осмелиле, аплицирале и дел од нив добиле грант средства. Ги поттикнуваме и тие кои не добиле да се пријавваат во наредните повици и да покажуваат интерес. Ова се се иновативни бизниси кои понатаму треба да ја придвижуваат економијата на еден поинаков, различен начин и да растеме сите заедно и како држава и како економија“, рече вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска на денешната презентација на добитниците.

Таа потенцираше дека 45 проценти од компаниите кои добиле поддршка со овој повик се основани и водени од жени, што во пракса значи покажување грижа за родова рамноправност и давање еднакви можности на мажите и жените во нашата држава.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски истакна дека во овој прв бран одобрени проекти од 53-те избрани компании дури 55 отсто се компании понови од 1 година.

„Тоа значи дека со вистинска мерка сме поттикнале голем број млади луѓе да се охрабрат и во овие тешки времиња да реализираат проекти со поддршка од Владата. Жал ми е што не можевме да објавиме уште поголем број компании, бидејќи буџетот на јавниот повик се покажа очигледно недоволен за покажаниот интерес. Оваа година имавме 30 отсто поголем интерес од она што го регистиравме како интерес во 2019 година, што само кажува дека младите луѓе сакаат да инвестираат и дека со вистинска мерка сме ги поттикнале да развиваат свој бизнис, но имаат и доверба во процедурите коишто ги реализира ФИТР и се охрабруваат, подготвуваат свој деловен план и го презентираат во рамки на програмите“, нагласи Деспотовски.

Инаку, на јавниот повик „Стартапувај 2“ пристигнале вкупно 235 апликации, од кои 203 ја поминале административна проверка, а 181 стигнале во фазата на финална селекција. Од нив се избрани 53. Деспотовски појасни дека 80 проценти од компаниите кои се дел од првиот инвестициски бран се компании коишто првпат аплицираат пред ФИТР.

Од избраните компании 90 отсто се микро, а 10 отсто се мали компании. Домиираат компании од ИТ индустријата, но има и од технолошката индуструја, од здравство/медицина,од индустријата на маркетинг и продажба, од земјоделство и од други сектори.
 

Содржината е прочитана 175 пати.