Бизнис вести

Асоцијацијата на туристички водичи пристапи во ССК со цел да делува за опстојување на секторот

Туристичките водичи бараат поддршка од државата за да ги надминат финансиските загуби кои ги трпат поради пандемијата со Ковид-19

четврток, 18 јуни 2020

Македонска асоцијација на туристички водичи и придружници (МАТВП) пристапи во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), а договорот го потпишаа претседателот на Туристичко угостителската комора при ССК, Владимир Граматиков и претседателот на МАТВП, Димитар Кавраков.

Целта на потпишаниот договор е Асоцијацијата и ССК заедно да делуваат кон застапување на интересите на Асоцијацијата во сферата на нејзиното работење, пред институции и организации на национално, регионално и интернационално ниво.

Туристичките водичи бараат поддршка од државата за да ги надминат финансиските загуби кои ги трпат поради пандемијата со Ковид-19. Претседателот на МАТВП, Кавраков рече дека туристичките водичи веќе трет месец не ја остваруваат својата дејност, а не се опфатени во пакетот економски мерки за надминување на последиците од кризата предизвикана од пандемијата.

„Во моментот како резултат на пандемијата туристичките водичи трпат големи финансиски загуби заради откажаните аранжмани и немаат никаква поддршка, а уредно ги плаќаат сите давачки кон државата. Од почетокот на пандемијата туристичкиот сектор во земјава претрпува големи загуби заради затворањето на границите и откажувањето на аранжманите од страна на странските тур оператори. За таа цел Владата донесе пакет мерки за туристичкиот сектор во кој беа вклучени хотелите, угостителски објекти и туристички агенции, но, за жал, не и туристичките водичи. Во заштита на интересите на колегите покрај сите писмени барања, институционално доставени до Министерството за економија и до Владата, кои се однесуваат на финансиска поддршка, засега немаме одговор“, рече Кавраков.

Претседателот на Туристичко-угостителската комора при ССК, Владимир Граматиков истакна дека состојбата во туризмот е загрижувачка и оти овој сектор го чека тежок период.

„Не чека многу тежок период, состојбата во секторот туризам и угостителство, кој движи и други сродни дејности е загрижувачка. Предизвиците се големи за сите нас, но веруваме дека со заедничка соработка и со обединет туристички сектор, со соодветна институционална поддршка и добра стратегија ќе успееме да ја надминеме кризата предизвикана од пандемијата. Последиците може да се ублажат со сеопфатни мерки за поддршка да се помогне за одржување на ликвидноста на претпријатијата и нивно опстојување. Дополнително неопходна е меѓународна промоција на земјата, адаптирање на моделот на субвенционирање спрема потребите на пазарот и поддршка на авиосообраќајот како главен двигател на туризмот“, истакна Граматиков.
.

 

Содржината е прочитана 193 пати.