МАКЕДОНИЈА

На 22 јуни квалификациски тест за упис во средно училиште каде се пријавени поголем број ученици со ист број поени

Тестирањето ќе започне во 10 часот, а конечните ранг листи ќе бидат објавени истиот ден

четврток, 18 јуни 2020

На 22 јуни ќе се одржи квалификациско тестирање во средните училишта во кои се пријавени поголем број ученици со ист број поени од предвидениот број места во конкурсот за запишување во средно образование за учебната 2020/2021, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Тестирањето ќе започне во 10 часот, а конечните ранг листи ќе бидат објавени истиот ден.

„Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, односно албански, турски, или српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование. Додека, за учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили) ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште“, велат од МОН.

Инаку, во тек е првиот уписен рок за во прва година во средните училишта што ќе трае до утре. Уписите продолжуваат во второто и третото пријавување од уписниот рок на 24, 25 и 29 јуни.

 

Содржината е прочитана 65 пати.