Бизнис вести

Бизнисмените очекуваат стабилна влада и функционален парламент

Бизнис заедницата во земјава смета дека сегашните предвремени избори што треба да се одржат на 15 јули, се со поинаква димензија, од нив треба да произлезе институционална структура, да се формира новиот парламент кој ќе биде гарант за демократско функционирање на државата, но и за успешно справување со коронакризата

вторник, 16 јуни 2020

Честите избори имаат негативен ефект врз економската активност, ги забавуваат движењата, поттикнуваат неизвесност и го насочуваат вниманието кон политиката наместо кон реалните стопански проблеми. Но, сегашните предвремени, што треба да се одржат на 15 јули, се со поинаква димензија. Од нив треба да произлезе институционална структура, да се формира новиот парламент кој ќе биде гарант за демократско функционирање на државата, но и за успешно справување со коронакризата, смета бизнис заедницата во земјава.

Нејзините претставници го поздравуваат постигнатиот партиски договор за датумот на изборите. Нагласуваат дека пандемијата ја разниша довербата и предвидливоста, поради што се неопходни целосно функционални државни органи и институции.

„Имајќи го предвид фактот дека изборниот процес сам по себе носи забавување на економските текови, а особено што сега поради корона-пандемијата стопанската активност генерално, во светски рамки се одвива отежнато, бизнис заедницата смета е добро што е конечно постигнат договор за одржување предвремени парламентарни избори. За стопанството е подобро изборите да се случат во текот на летото, бидејќи сите очекувања и надежи се дека во третиот квартал од годината ќе следува период на активно закрепнување. Тоа значи дека ќе треба да се продолжи со поддршка на македонското стопанство за надминување на тешкотиите и да се преземат цврсти и одлучни мерки за закрепнување на економијата од ударот што го предизвика КОВИД-19, за што, пак, ќе биде потребно да имаме целосно функционални државни органи и институции. Во такви услови и стопанството и државните институции ќе може да дејствуваат со полн капацитет, без дополнителни забавувања кои би ги отежнувале растот и развојот на економијата“, велат за МИА од Стопанската комора на Македонија.

Според Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), изборите треба да резултираат со стабилна влада, а нивното организирање мора да биде на најсигурен можен начин.

„СКСЗМ секогаш била против честите избори кои имаа негативен ефект врз економската активност. Но, имајќи предвид дека се наоѓаме во вонредна состојба поради КОВИД-19, а како последица на тоа и три месеци сме во социо-економска криза, сметаме дека земјава има потреба од целосна институционална структура за да се справува со оваа криза. Наш приоритет секогаш бил општиот интерес, на општеството, во овој случај здравјето на граѓаните. Затоа апелираме изборите да се организираат на најсигурен можен начин, но исто така и економијата е од голема важност и во ова фаза сметаме дека изборите ќе треба да резултираат со влада која ќе има стабилна структура со цел да се справи со ситуацијата во која се наоѓаме“, нагласува извршниот директор на Комората, Дрилон Исени.

Од името на СКСЗМ тој ги повикува политичките партии да се придржуваат до ветувањата и економските програми кои ги дале и презентирале пред компаниите.

„Исто така повикуваме да покажат и голема одговорност во креирањето на владата, зашто од најголем приоритет е да се надмине кризата со Ковид-19, како и планирањето на пост-корона економијата“, дополнува Исени.
И од Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО) се децидни дека постигнувањето договор за датумот на изборите е добар сигнал.

„Членките на Управниот одбор на МАТТО застанаа зад ставот дека е нужно што побрзо да се формира новиот парламент како гарант за демократско функционирање на државата и давање сигнал на меѓународната заедница дека сме стабилен систем. Тоа би била и пораката до странските деловни луѓе, да имаат доверба во системот, но и сигурност. На овие вонредни избори гледаме како на пат за што побрзо враќање на бизнисите во нормални услови на работењето“, вели за МИА претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски.

Поради пандемијата и вонредната состојба, оценува Адемоски, бизнисот загуби половина од деловната година, а веројатно и другата половина нема да биде сјајна.

„Нашето прашање е што ќе стане со уредбите донесени од страна на Владата во вонредни услови, сега кога се укинати. Дали треба Собарнието да им даде редовен правен легитимитет? Глобално, пандемијата ја разниша довербата и предвидливоста. Затоа активно Собрание ни се чини како гарант за општо, па и економско функционирање. Инаку, присуството на пандемијата е нешто со што треба активно да се живее и да се справува. Ќе мора да се прилагодиме. Нашите членки токму тоа го прават, не ги прекинаа бизнисите, освен во туризмот, угостителството, хотелиерството и авиосообрќајот. Се подготвуваме да го оживееме бизнисот и во овие сектори што побрзо“, напоменува претседателот на МАТТО.

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), пак, го повтори ставот дека секои избори значат нова неизвесност, а во овој период клучно ќе биде справувањето со рецесијата.

„Континуирано го истакнуваме ставот дека секои избори значат нова неизвесност и насочување на вниманието кон политиката, наместо кон реалните економски проблеми. Голем предизвик во периодот кој претстои ќе биде рецесијата и проблемите во сите сектори на стопанството предизвикани од кризата. Изборите секогаш се кочница за економските процеси, дури и кога економските услови не се дополнително отежнати со кризна состојба во каква се наоѓаме“, истакнува потпретседателот на ССК, Габриела Кулебанова.

Пренесено од МИА

 

Содржината е прочитана 49 пати.