Бизнис вести

Антикорупциска отвори предмет за првиот сет економски мерки, ќе проверува кои фирми добиле помош, а кои биле одбиени

ДКСК, додаде Ивановска, исто така ќе ги разгледа и информациите за критериумите и доделувањето на одлуката за граѓанските здруженија.

петок, 12 јуни 2020

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отворила предмет за првиот сет економски мерки и побарала од Владата документи и податоци за тоа кој добил, а кој бил одбиен и зошто, информираше на денешната прес-конференција претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Прашана дали ќе се истражува можен судир на интереси за Кочо Анѓушев, кој како советник во Владата учествува во креирањето на мерките, Ивановска рече дека тоа е веќе предмет на истражување и до Владата е доставено барање за потребните податоци за предметот кој се однесува за првата мерка, каде што приматели на државната помош се и фирми со добра финансиска кондиција, по пријава од други фирми кои се одбиени.

„Аргумент плус што го кажувате дека како советник учествува за да добие од друга страна економска корист, затоа што како економски советник може да влијае во утврдувањето на критериумите кои ќе ја формираат мерката. Во таа насока би одело нашето разгледување на предметот“, изјави Ивановска.

Прашањето за ДКСК, посочи Ивановска е дали се обезбедува отчетност, транспарентност и право на учество за мерката, односно, кои биле критериумите, кој имал право да добива и како биле селектирани фирмите, а второто прашање е дали Кочо Анѓушев, како член на тој Совет ќе влијае на дефинирање на критериумите кои што ќе ги формираат мерките, за потоа да се јави како корисник на истите.

ДКСК, додаде Ивановска, исто така ќе ги разгледа и информациите за критериумите и доделувањето на одлуката за граѓанските здруженија.

Во однос на останатите мерки, како домашната платежна картичка, Ивановска рече дека ДКСК укажала дека е неопходно јавно да биде објавена целата листа на сите добитници на тие картички за да се провери дали има системска грешка, како и дека не треба да се повторуваат мерките кои веќе биле исполнети или да се рекламираат мерки кои нема да се реализираат во догледно време.

„Будно ги следиме сите процеси кои што се случуваат во текот на вонредната состојба, особено кои се од аспект на трошењето на буџетските средства. Ги гледаме сите уредби кои значат зафаќање на Буџетот. Се потрошија многу пари, дали е тоа оправдано или не. Во таа насока се движат нашите анализи“, изјави Ивановска.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 180 пати.