Бизнис вести

Народна банка: Девизните резерви месецов со раст од 603,8 милиони евра, се очекува натамошен раст

Нивото на девизните резерви на нашата земја е и ќе остане адекватно и на ниту еден начин нема да биде загрозена стабилноста на денарот

петок, 12 јуни 2020

Девизните резерви на земјава од почетокот на месецов бележат раст од 603,8 милиони евра и според Народната банка тие во изминатиот период достигнаа историски највисоко ниво и се очекува нивен натамошен раст.

„Високото ниво на девизните резерви од над три милијарди евра не само што е соодветно за одржување на стабилен курс на денарот, туку како што веќе и имаме посочено, тоа е двојно повисоко во однос на 2008 година, кога како Централна банка успешно одговоривме на предизвиците од тогашната глобална економска и финансиска криза“, наведуваат од Народната банка и додаваат дека тие се клучни за гаранција на стабилноста на девизниот курс на домашната валута.

Потсетуваат дека Народната банка има и низа инструменти што се дополнителна гаранција за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

„Со најновите проекции на Народната банка во претстојниот период се очекува натамошен раст на девизните резерви. И во проекциите на сите релевантни меѓународни институции се посочува дека нивото на девизните резерви на нашата земја е и ќе остане адекватно и дека на ниту еден начин нема да биде загрозена стабилноста на денарот. Неодамна, во текот на мај, двете најугледни светски агенции за кредитен рејтинг – ’Стандард и Пурс’ и ’Фич’, во основа задржувајќи го досегашниот кредитен рејтинг на земјата, истовремено потврдија и дека нема опасности за стабилноста на девизниот курс на нашата домашна валута“, истакнуваат од Народната банка.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 52 пати.