Бизнис вести

Компаниите кои инвестирале за време на пандемија ќе добијат вкупно 20 милиони евра

Мерката предвидува финансиска поддршка за сите деловни субјекти од преработувачката индустрија, трговијата и ИТ секторот кои во текот на 2020 година ќе реализираат инвестиција

петок, 12 јуни 2020

Министерството за економија го објави јавниот повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост ковид периодот со цел да им помогне на компаниите кои инвестирале во време на пандемијата. Повикот е објавен на веб страницата на Министерството.

Оваа мерка, која е дел од третиот пакет мерки на Владата, предвидува финансиска поддршка од 20 милиони евра за сите деловни субјекти од преработувачката индустрија, трговијата и ИТ секторот кои во текот на 2020 година ќе реализираат инвестиција.

„Главната цел на оваа мерка е да се помогнат компаниите кои ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување на пазарите - зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за опоравување на економијата на земјата, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот од јули до декември 2020 година“, соопшти Министерството за економија.

Висината на финансиската поддршка изнесува 25 проценти од реализираната инвестиција според инвестицискиот план кој што ќе го достави апликантот, но не повеќе од: 40.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година не повисок од еден милион евра, не повеќе од 100.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 1- 10 милиони евра, 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход 10 до 50 милиони евра и 200.000 евра за компании кои оствариле приход во 2019 година повеќе од 50 милиони евра.

 

Содржината е прочитана 57 пати.