Бизнис вести

Ангеловска: „Мерката 14.500 денари финансиска поддршка по вработен продолжува и за јунската плата“

Фирмите што ќе користат финансиска поддршка и за месец јуни, наместо до јули ќе мораат да го задржат истиот број вработени заклучно со август

четврток, 11 јуни 2020

Мерката 14.500 денари финансиска поддршка по вработен продолжува и за јунската плата. Вчера Владата донесе измена на Уредбата со која мерката наместо два, ќе трае три месеци, објави министерката за финансии, Нина Ангеловска на својот Фејсбук профил.

Таа појаснува дека со измени на Уредбата фирмите што ќе користат финансиска поддршка и за месец јуни, наместо до јули ќе мораат да го задржат истиот број вработени заклучно со август.

„Со продолжувањето ќе се даде поддршка на сите компании кои и во текот на месец јуни ќе се соочат со пад на приходите поголем од 30 отсто, со цел да ги задржат работниците и платите на соодветно ниво. Согласно барањата од бизнис заедницата и направените анализи, како и согласно можностите, на денешната седница Владата ја усвои Уредбата за изменување со која се предвидува продолжување на мерката и за месец јуни“, вели Ангеловска.

До сега е доделена поддршка за април на 21.215 компании и на 5.579 самостојни вршители на дејност, а за мaj на 20.507 компании и 5.579 самостојни вршители на дејност.

Ангеловска наведува дека мерката е креирана за периодот во кој економијата и компаниите се соочија со најголемиот удар, кога беа на сила рестриктивните мерки и целосно затворање, додека сега се наоѓаме во фазата на постепено реотворање на економијата и период на заживување.

„Согласно тоа очекуваме дека потребата за користење на мерката за јуни ќе биде помала, но секако, кога имаме простор ја даваме можноста да ги помогнеме сите на кои ќе им биде потребна поддршката“, вели министерката.

 

Содржината е прочитана 215 пати.