Бизнис вести

Сопственикот на „Зара“ ќе затвори 1.200 продавници

Шпанската групација „Индитекс“ која ги поседува и брендовите „Бершка“, „Пул енд бер“ и „Масимо Дути“ пријавила загуба од 409 милиони евра во првиот квартал од годината

четврток, 11 јуни 2020

Сопственикот на „Зара“ објави дека ќе затвори околу 1.200 дуќани низ цел свет, со цел да ја зголеми продажбата на своите производи преку интернет. Реорганизацијата доаѓа среде хаосот што го предизвика пандемијата на коронавирусот, а затворањето најмногу ќе ги погоди Европа и Азија.

Шпанската групација „Индитекс“ која ги поседува и брендовите „Бершка“, „Пул енд бер“ и „Масимо Дути“ нагласила дека бројот на продавници по реорганизацијата од 7.412 ќе падне на 6,700, во кои спаѓаат и 450 новоотворени продавници. Но се потенцира дека бројот на вработени нема драстично да се намали, бидејќи било понудено преместување на вработените во други оддели, конкретно во одделот за онлајн купување.

„Индитекс“, кој е еден од најголемите светски продавачи на облека беше тешко погоден од пандемијата. Продажбата се намалила за 44 проценти во периодот од 1 февруари до 30 април. Компанијата пријавила загуба од 409 милиони евра во првиот квартал од годината, откако голем дел од дуќаните останале затворени до 8 јуни.

„Фајненшел Тајмс“ пишува дека шпанската групација најавила план за реструктуирање на работата вреден 2,7 милијарди евра со кој во наредниот период ќе се фокусира на зголемување на интернет продажбата за 25 отсто во вкупната продажба до 2022 година. „Индитекс“, кој го основа шпанскиот милијардер Амансио Ортега во наредните три години планира да потроши 900 милиони евра на подобрување на онлајн продажбата, но и на физичките продавници кои имаат добар промет.

„Се проценува дека мрежата на квалитетни физички продавници во комбинација со мрежа на ИТ продавници ќе донесе долгорочен раст на продажбата за четири до шест отсто“, се наведува во соопштението на компанијата.

 

Содржината е прочитана 94 пати.