Бизнис вести

Финансиска помош од 20 милиони евра за приватните компании со цел да ја зајакнат конкурентноста

Помош ќе добијат сите компании кои во 2020 имаат инвестициски проект, или ќе изготват и ќе реализираат таков проект оваа или 2021 година

среда, 10 јуни 2020

Владата со 20 милиони евра ќе им помага на компаниите од приватниот сектор да ја зајакнат конкурентноста и повторно да ги освојат загубените пазари. Како што соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши помошта е за фирмите што ќе почнат инвестициски проект од март, но и во периодот од јули до декември оваа година.

Помош ќе добијат сите компании кои во 2020 имаат инвестициски проект, или ќе изготват и ќе реализираат таков проект оваа или 2021 година. Ќе ги опфати сите компании кои работат во производство, освен оние кои се исклучени од оваа можност. Поддршка можат да добијат и ИТ компаниите, доколку нивните инвестиции опфаќаат нова инвестициона единица, или хардверско решение.

„Поддршката е 25 отсто од вредноста на инвестицијата според инвестициски план, но не повеќе од 40.000 евра за компании кои во 2019 година оствариле вкупен приход не повисок еден милион евра, до 100.000 евра за компании со приход од 1 до 10 милиони евра, до 140.000 евра за фирми со приход од 10 до 50 милиони евра и до 200.000 евра за компании со приход над 50 милиони евра“, рече Бектеши.

Компанијата што ќе добие поддршка има обврска до крајот на 2021 година да достави докази дека ја реализирала инвестицијата.

Јавниот оглас ќе биде објавен до петок, а аплицирањето е до 31 јули. Сите кои ќе аплицираат до крајниот рок треба да достават инвестициски план, биланс на успех и други документи. За процедурата да биде поедноставна, нема да оди преку банкарска гаранција, туку ќе се достави само меница. Средствата ќе бидат дадени кога ќе се достави инвестицискиот план.
 

Содржината е прочитана 310 пати.