Бизнис вести

ССК бара од Владата финансиската поддршка да продолжи дополнителни два месеци

Оттаму сметаат дека во услови на здравствено - економска криза кога претпријатијата се соочуваат со предизвик за нивен опстанок, потребно е продолжување на сите мерки за одложување на побарувањата по основ на даночни аконтации, кредити и на казнени и затезни камати до крајот на годината

среда, 03 јуни 2020

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) достави до Владата иницијатива за продолжување на економските мерки за финансиска поддршка на Владата за дополнителни два месеци и смета дека е потребно продолжување на сите мерки за одложување на побарувањата по основ на даночни аконтации, кредити и на казнени и затезни камати до крајот на годината.

ССК апелира на широка консултација и засилување на дијалогот со релевантните институции со цел економските мерки да имаат позитивен ефект врз реалниот сектор и да бидат реално применливи.

Во услови на здравствено-економска криза претпријатијата се соочуваат со предизвик за нивен опстанок, а економијата бележи стрмоглав пад. Особено на удар се претприемачите, малите и средни компании кои се столб на националната економија, кои вработуваат над 80 отсто од вкупниот број вработени граѓани во приватниот сектор и претставуваат 99,8 проценти од регистрираните правни субјекти.

„Согласно анализите на Сојузот, голем број претпријатија се сериозно засегнати од кризата, а дел немаат воопшто никакви приходи за да ги покријат основните месечни трошоци. Во таа насока, следејќи ја моменталната состојба, предизвиците со кои се соочуваат претпријатијата се бројни, како нарушена ликвидност, борба за задржување на работните места и борба за опстанок поради неможноста за вршење дејност“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија и додаде дека на приватниот сектор му е неопходна институционална поддршка за да се овозможи економијата да биде во континуирано движење.
 

Содржината е прочитана 170 пати.