Бизнис вести

Грант од Јужна Кореја од 700.000 евра за модернизација и дигитализација на Царинската управа

вторник, 02 јуни 2020

Со грант од 700.000 евра од Владата на Јужна Кореја ќе се поддржи градењето на капацитетите на македонската Царинска управа, особено во делот на брзите пратки, откривањето на нелегалните финансиски текови, како и анализа на ризик во е-трговија.

Денеска беше организиран состанок за отпочнување на проектот на кој присуствуваа министерката за финансии, Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и делегација од Царинската управа на Јужна Кореја.

На средбата било истакнато дека од особено значење е поддршката во доменот на е-трговијата, која во светски рамки бележи постојан раст и развој, особено сега во новите услови креирани од коронакризата.

Со размена на искуството на Царинската управа на Јужна Кореја во овој домен ќе се придонесе за воспоставување баланс помеѓу олеснета и забрзана испорака на пратките, но во исто време и зголемена наплата на буџетските приходи од овој вид трговија.

Од македонската делегација било посочено дека воспоставувањето дигитална царина е еден од стратешките приоритети на Царинската управа и дека од тој аспект добро е што за оваа цел се соработува со Царината на Кореја, која е широко позната по својот технолошки напредок.
 

Содржината е прочитана 181 пати.