Бизнис вести

Објавен повикот за технолошки развој за брзо прилагодување

Иницијалниот буџет на јавниот повикот е 200 милиони денари, повикот ќе трае 30 дена, до 29 јуни, а рокот за реализација на проектите е 12 месеци

петок, 29 мај 2020

Објавен е повикот за инструментот за технолошки развој за брзо прилагодување на последиците од Ковид-19 со што и практично почнува реализацијата на третиот сет владини мерки за поддршка на економијата. Иницијалниот буџет на јавниот повикот е 200 милиони денари, а, како што рече денеска директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски мерката се фокусира на развојна поддршка на домашните компании кои имаат потенцијал за успешно работење, а е подготвена во соработка со Светската банка.

Повикот ќе трае 30 дена, до 29 јуни, а заинтересираните ако имаат потреба од понеделник ќе може да добијат и советодавни услуги за аплицирање на товар на Фондот. Рокот за реализација на проектите е 12 месеци. Средствата може да се наменат за инвестиции во дигитализација и ИТ системи, реорганизација на работата, унапредување на производите и услугите, набавка на опрема, како и заштитни мерки за работниците.

Микро компаниите ќе добијат финансиска поддршка до 750.000 денари, 1,5 милиони денари за мали и до 3 милиони денари за компании со средна големина при што не може да надмине 70 отсто од вкупниот буџет на инвестицијата. Останатите 30 проценти од средствата ги обезбедуваат самите компании.

Компаниите ќе имаат обврска овие средства да ги вратат како процент од бруто добивката во првите три години по завршување на инвестицијата.

Со мерката се опфатени и компании што во последните две години од работењето немаат регистрирано загуба, освен старт-ап компании до три години постоење, кои се изземени од овој услов. Новина е што при бодувањето на апликантите ќе се земе предвид регионот од кој доаѓаат компаниите, ако се од помалку развиен регион ќе добијат повеќе поени. Предност е предвидена и за компаниите во чиј менаџмент има жена.

Новина во повикот е и тоа што се обезбедуваат бруто плати за лица кои ќе бидат ангажирани на проектот.
Според Деспотовски, предвидената поддршка не е за ликвидност или за опстанување на компаниите, туку за нивно побрзо заздравување.

„Целта на овој инструмент е да се поддржи здравото ткиво на економијата кое очекуваме дека ќе биде двигател на забрзаното заздравување. Очекувам голем интерес. Воведуваме иновативен пристап во финансисрањето. Не даваме кредти и грантови, нема поклон пари. Средствата подразбираат поврат, но не по цена на опстанокот на компанијата и на работните места. Ако сме партнер во добивката, ќе бидеме партнер и во делењето на ризикот. Компаниите ќе имаат обврска овие средства да ги вратат како процент од бруто добивката во првите три години по завршување на инвестицијата. Направивме симулација на моделот која покажува дека 15 отсто од бруто добивката гарантира дека средствата ќе бидат вратени иако е тоа релативно со оглед на кризата, но тоа не нé ослободува од обврската да се обидеме и да го забрзаме заздравувањето“, рече Деспотовски.

Тој појасни дека поддршка ќе добијат само оние компании кои ќе достават солидни, конкуреннти проекти.

„Сакам да ги охрабрам сите компании од останатите региони, не само од Скопје, да вложат во развојни проекти. Нивниот напор ќе биде посебно вреднуван при оценувањето. Лично верувам дека жените се похрабри во преземање ризици и се одлични менаџери поради што во новиот јавен повик имаме посебно бодување за компании раководени од жени“, рече Деспотовски.

Дополни дека има четири критериуми за оценување: ниво на технолошки напредок и степен на дигитализација, квалитет на проектен предлог, капацитет на проектниот тим и влијание на проектот каде има подкритериуми - колку предлогот предвидува заштитни мерки за вработените и потрошувачите, како и оценка за тоа како апликантот ќе се однесува на работните места.

Проектите ќе бидат оценувани во фаза на предселекција од стручни лица, домашни експерти, а конечната одлука ќе ја носи Комитетот за одобрување инвестиции составен од петмина странски експерти.

Користењето средствата од Фондот, како и досега, ќе биде предмет на следење од страна на реномирани странски ревизорски куќи, ангажирани од страна на Фондот.

 

Содржината е прочитана 63 пати.