Бизнис вести

Министерството за економија ќе ја обжали одлуката на Управниот суд за „Иловица“

Управниот суд во март донел одлука за враќање на предметот на повторно одлучување, по жалба на компанијата концесионер „Еуромакс ресорсис“, со која Владата лани го раскина договорот за експлоатација на руда

среда, 27 мај 2020

Министерството за економија ќе ја разгледа одлуката на Управниот суд со која го врати на повторно одлучување предметот за рудникот „Иловица“ и ќе поднесе жалба, бидејќи смета дека одлуката на Владата за раскинување на договорот за концесија со компанијата „Еуромакс ресорис“ е во согласност со законите во државава, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Пред неколку дена бев известен од Секторот за минерални суровини дека има таква одлука. Ние ги почитуваме одлуките на судовите во земјава и во зависност од процедурите ќе ја разгледаме одлуката на Управниот суд и ќе се жалиме како Министерство, бидејќи сметаме дека одлуката за раскинување на договорот е во согласност со законите и прописите на државата“, рече Бектеши.

Владата во декември лани донесе Одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија за експлоатација на рудникот за бакар и злато на локалитетот село Иловица. Компанијата „Еуромакс“ во октомври минатата година поднесе тужба до Управниот суд против решението на Второстепената државна комисија, а Судечкиот совет на Управниот суд на 31 март годинава донел пресуда со која се уважува жалбата на „Еуромакс“ и предметот го врати на повторно одлучување поради процесни неправилности, додека за главната работа по предметниот спор постапката е во тек.

ДОМ и Здружението „Здрава котлина“ од Струмица реагираа зошто Управниот суд не ја објавил пресудата за „Иловица“ донесена на 31 март, но од Судот укажуваат дека рокот од 15 дена за оваа одлука почнува да тече од денот на престанувањето на вонредната состојба.


 

Содржината е прочитана 188 пати.