Бизнис вести

Вкупно 69 компании ќе добијат финансиска поддршка за технолошки развој преку Фондот за иновации

Средствата се наменети за набавка на опрема, дигитализација, софтвер за подобрување на организацијата и за реализација на проекти за енергетска ефикасност

петок, 22 мај 2020

Вкупно 69 компании ќе добијат финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за набавка на опрема, дигитализација, софтвер за подобрување на организацијата и за реализација на проекти за енергетска ефикасност.

Државата ќе ја помогне реализацијата на инвестициите во компаниите со 4,2 милиони евра, а компаниите ќе учествуваат со скоро 10 милиони евра.

„Ова е многу важен показател дека и во услови на криза има домашни компании кои се подготвени со минимална државна поддршка да инвестираат во сопствен развој, а со тоа во и развој на македонската економија. Со денешното објавување на резултатите поттикнуваме инвестициски циклус во приватниот сектор на македонската економија од 14 милиони евра, што е исклучително важно во период на економско заздравување“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на денешната прес-конференција во Владата.

Проектите треба да се реализираат во следните 12 месеци, а според структурата главно доминираат малите и микро компании со најмногу проектите од областа на здравството и медицината, а потоа и проекти од бласта на трговијата и градежништвото.

Од вкупниот број компании кои ќе добијат финансиска поддршка, 36 отсто се компании кои се пријавуваат втор пат или повеќе пати на повиците на Фондот, кои претходно биле неуспешни. Но, она што треба да се подобри, според Деспотовски, е малиот процент на компании со жени на раководни позиции.

„За жал, делот на учество на жените во структурата на управители е 29 проценти. Лично сметам дека жените се доста поподготвени за ризици, така што се надевам дека можеби на следниот повик овие бројки ќе бидат поинакви“, рече Деспотовски.

Компаниите кои не се избрани ќе имаат можност да се произнесат пред Комитетот за одобрување на инвестиции и доколку изнесат соодветни аргументи, нивниот проект повторно може да биде разгледан.

Деспотовски потенцираше дека досега, несметајќи ги денешните компании, вкупно 343 компании обезбедиле финансиска поддршка со вкупен обем на инвестиции од 63,5 милиони евра. Овие компании по основ на данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси уплатиле 16,772 милиони евра во Буџетот. Во нив се ангажирани 4.915 вработени.

 

Содржината е прочитана 198 пати.