Бизнис вести

Туризмот со две сценарија за ефектот од кризата

Се очекува драстичен пад на приливот и загуба од 2.000 до 20.000 работни места, во зависност од тоа дали кризата ќе се сави под контрола на почетокот на јули или до крајот на годината

петок, 22 мај 2020

Масовно откажување на аранжманите, огромно намалување на бројот на странски туристи, драстичен пад на приливот и загуба на 2.000-20.000 работи места зависно од тоа дали корона-кризата ќе се стави под контрола во почетокот на јули или до крајот на годината. Ова го предвидуваат двете сценарија од Студијата за ефектите предизвикани од Ковид-19 врз туристичко угостителскиот сектор, со препораки за справување со економските ефекти. Во изработка на Студијата беа вклучени Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Како што беше речено на денешната презентација на Студијата, за секторот туризам и угостителство следува долг и многу тежок процес. На повеќето компании од ово сектор ќе им требаат најмалку шест месеци до една година да се опорават доколку епидемијата со коронавирусот заврши до крајот на годината.

Според првото, поповолно сценарио се предвидува кризата да биде ставена под контрола веќе во јули, зависно од ефектот на економнските мерки што ќе ги преземе Владата за поддршка од владата на туристичките претпријатија и ако почнат да се реализираат авиолинии кои би овозможиле доаѓање на странски туристи. Тогаш би постоел ризик да бидат загубени 2.000-12.000 работни места, прометот ќе биде преку 200 милиони долари и би се намалил за 50 отсто во однос на 2019, а опоравувањето би било во 2023 година.

Според второто сценарио, пак, ако кризата трае и по 2020 година, ќе згаснат 4.000-20.000 работни места, падот на приливот ќе биде преку 80 отсто, а опоравувањето може да се очекува во 2027 година.

„Загубите се огромни. И според првото и според второто сценарио, од планираните 500 милиони долари промет сега очекуваме под 250 милиони долари и тоа доколку кризата заврши веднаш, но не е исклучено во второто сценарио падот да биде над 80 отсто, или да имаме историски најнизок промет од туризмот, под 100 милиони долари. Не може во моментов прецизно да се каже, ова се само релевантни претпоставки“, рече коавторот на студијата, Христијан Џамбазовски.

И при двете сценарија, подготвувачите на студијата предлагаат мерки на поддршка од Владата кои би го ублажиле притисокот врз ликвидноста на претпријатијата и би ги задржале работните места.

Компаниите од Секторот туризам и угостителство бараат да продолжи субвенционирањето на плата од 14.500 денари и за јуни годинава, работодвачите да се ослободат од исплата на К-15 за 2020, одобрените бескаматни кредити да бидат во висина на прикажаните трошоци во завршната сметка, а нивното враќање да почне на 01.06.2021 во висина од прикажаните трошоци 2019 година.

Во Студијата се вели дека во однос на бројот на вработени, корона-кризата влијаела врз намалување на бројот на вработени кај 42 претпријатија од вкупно 64 кои биде дел од оваа студија, што сочинува 67 отсто од вкупниот број испитаници, а кај 25 компании што е 39 отсто од испитаниците бројот на вработени се намалил помеѓу 81-100 проценти.

Според анкетата направена во Стопанската комора, 88 отсто од туристичките претпријатија се изјасниле дека кризата ќе има големо влијание на нивното работење, 9 отсто одговориле дека влијанието е делумно врз ликвидноста, додека само две претпријатија одговориле дека влијанието врз ликвидноста е слабо. На 28 проценти од претпријатијата ќе им требаат три до шест месеци да се вратат на позицијата од пред кризата доколку сезоната почне во јуни, а на 25 отсто ќе им бидат потребни од шест месеци до една година да се прилагодат на состојбата.

„Падот на приходи во првиот квартал од 2020 година во однос на првиот квартал лани за 32 претпријатија или 50 отсто од испитаниците е меѓу 81 и 100 отсто, за 11 претпријатија или 17 отсто падот е помеѓу 61 и 80 проценти, за 9 претпријатија кои сочинуваат 14 отсто од испитаниците падот е помеѓу 41-60 отсто, за 7 претпријатија или 11 отсто падот на приходот е помеѓу 21 и 40 проценти, додека за 5 претпријатија, или 8 отсто падот е помеѓу 1 и 20 отсто, што претставува поголем пад на промет по основ туризам од падот во 2001 година“, пишува во студијата.

Кај речиси 100 отсто од хотелите се откажани резервациите за април, мај и јуни, за јули има откажувања на групни резервации од контрагенти кај 89 отсто од хотелите, за август кај 69 отсто од хотелиерите се откажани резервациите, за септември откажувања има кај 50 отсто од испитаниците... Откажувања има дури и за декември и јануари 2021 година.

Речиси идентична е ситуацијата и кај туристичките агенции кои се занимаваат со дојдовен туризам.

Во Студијата се наведува и дека е неопходно стимулирање и на домашниот туризам преку воведување посебни субвенционирани аранжмани и спроведување силна кампања за поттикнување на внатрешниот туризам.
 

Содржината е прочитана 184 пати.