Бизнис вести

До септември треба да профункционира дигиталната платформа преку која домашните компании од индустријата ќе изнаоѓаат нови пазари

За платформата утре ќе се дискутира на состанок со претставници од текстилната и чевларската индустрија, како и со претставници од стопанските комори

четврток, 21 мај 2020

До септември годинава се очекува да биде подготвена новата дигитална платформа која ќе им помогне на домашните индустриски компании да освојуваат нови пазари. За платформата преку Министерството за економија се планирани еден милион евра од третиот сет владини мерки.

Како што соопштија денеска министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот за економија, Крешник Бектеши на заедничката прес-конференција, за утре е закажан состанок со претставници од текстилната и чевларската индустрија, како и со претставници од стопанските комори, на која ќе се дискутира за развој на платформата. Идната недела, пак, за платформата ќе се разговара со претставници на индустријата за мебел и за ПВЦ производи.

„Нашата текстилна индустрија досега покажа адаптација преку зголемниот извоз од над 300 проценти на заштитна опрема. Најголем дел од нашето текстилно производство е лон. Со оваа мерка сакаме да и помогнеме на оваа индустрија да се модернизира, да додаде вредност и да освојува нови пазари со директна продажба до крајни корисници. Преку развивање дигитална платформа овие компании ќе ја зголемат конкурентноста и ќе можат да стигнат до нови пазари и нови потрошувачи. Веќе утре во Министерството за финансии имаме средба со претставниците на овие гранки, за да им ја претставиме мерката и за да ги преземеме понатаму потребните чекори за ставање на функција на оваа мерка“, рече Ангеловска.

На прес конференцијата беа соопштени детали за вториот столб од третиот пакет мерки кои беа донесени минатата недела. Двајцата министри напоменаа дека целта е поддршка на граѓаните и компаниите, заедничко надминување на кризата преку зачувување на секое работно место, поддршка на домашното производство, услугите, туризмот и на стопанството.
 

Содржината е прочитана 47 пати.