Инфо

Туристичката сезона во Грција официјално ќе почне на 15 јуни

Туристите ќе можат да влегуваат во Грција без да прават тест за коронавирус и без да се спроведува карантин, а ќе им биде дозволен влез само на оние кои доаѓаат од земји што ќе бидат одбрани според епидемиoлошки критериуми

четврток, 21 мај 2020

Туристичката сезона во Грција официјално ќе почне на 15 јуни, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис потенцирајќи дека од 1 јули ќе почнат да се враќаат меѓународните летови, со цел да и се помогне на економијата.

„Туристичкиот период ќе започне на 15 јуни, кога ќе можат да отворат хотелите, а директните меѓународни летови до нашите туристички дестинации постепено ќе започнат од 1 јули. Ќе победиме во економската војна како што победивме и во здравствената“, рече Мицотакис.

Туристите ќе можат да влегуваат во Грција без да прават тест за коронавирус и без да се спроведува мерката карантин.

Министерот за туризам, Хари Теохарис вчера го презентираше планот за рестартирање на туризмот. Сепак, од 15 јуни ќе им биде дозволен влез на туристи само од земји кои ќе бидат одбрани според епидемиoлошки критериуми. Министерството до крајот на мај ќе објави листа на земји од кои ќе биде овозможен влез за туристи во Грција, како пример Теохарис ги дал земјите од Балканот, од северна Европа, како и Кипар и Израел. Но,
СКАЈ објави дека Грција ќе дозволи влез на туристи од 19 држави: Кипар, Израел, Кина, Јапонија, Австралија, Норвешка, Данска, Австрија, Бугарија, Србија, Романија, Албанија, Северна Македонија, БиХ, Хрватска, Полска, Унгарија, Словачка и Чешка.

Инаку, „Рестарт на туризмот“ е детален план со кој туризмот во Грција ќе се врати постепено, безбедно и ефикасно.

Планот предвидува најпрвин на 25 мај да бидат отстранети рестрикциите за јахти, а на 1 јуни да се отворат камповите и хотелите кои работат цела година. На 15 јуни ќе бидат отворени сите други сместувања (сезонски хотели и ресорти), а тогаш со отворање на атинскиот аеродром започнува првата фаза од намалување на рестрикциите за интернационални летови. Две недели подоцна, поточно на 1 јули стартува втората фаза и се отвораат сите грчки аеродроми, а на 15 јули ќе дојде до постепено укинување на останатите рестрикции.

Сето ова ќе биде реализирано според посебни протоколи кои ќе се спроведуваат во хотелите, туристичките автобуси, компаниите за изнајмување автомобили, бродовите, траектите, авионските линии и аеродромите.
 

Содржината е прочитана 38 пати.