Бизнис вести

„Finance Think“: Ребалансот очекуван, но донесен со значително задоцнување

Посочуваат дека имајќи ја предвид кризната состојба, кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигура фискален простор за финансирање на мерките поврзани со Ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал кон економските агенти дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза

среда, 20 мај 2020

Ребалансот на Буџетот што Владата го усвои на 15 овој месец за „Finance Think“ е очекуван, но донесен со значително задоцнување, во контекст на потребата тој да ја демонстрира посветеноста на Владата кон кратење на сите неподуктивни трошења и трошења што изгубија приоритет во контекст на кризната состојба.

Во објавениот коментар „Finance Think“ истакнува дека ревидираната проекција за пад на економијата од 3,4 отсто е коректна и во линија со предвидувањето на „Finance Think“ од 11април 2020. Сепак, сметат дека оваа стапка е со понатамошни надолни ризици, што може негативно да се рефлектира и врз приходната страна на буџетот во третиот и четвртиот квартал, што може да предизвика потреба од втор ребаланс.

„Finance Think“ посочува дека падот на даночните приходи е резултат на намалената економска активност, но оти истовремено ризикот од пораст на даночната евазија е нагласен. Оттука, според нив, неопходно е во следниот период фокусот да се стави врз засилена контрола и санкционирање на даночната евазија.

За буџетскиот дефицит сметаат дека е очекуван и е директен резултат на негативните последици врз економијата од појавата на Ковид-19.

„Тоа наметнува и потреба за изготвување оптимален план за негово финансирање во тековната година, но и редизајнирање на планот за среднорочно финансирање на јавниот долг. Неминовно, задоволувањето на оваа голема потреба од финансирање ќе ја наметне и потребата да се дискутира за ревидирање на даночни стапки по стивнувањето на првиот удар на кризата“, наведуваат оттаму.

За расходите наменети за Ковид-19, сметаат дека се коректно димензионирани, кратењето на вкупните расходи е недоволно, а приоритизацијата во намалувањето на трошењата во зависност од нивното развојно значење не е рефлектирана во ребалансот на буџетот. Напротив, очигледниот напор да не се скратат ставки на тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да се толкува како предизборен.

Посочуваат дека имајќи ја предвид кризната состојба, кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигура фискален простор за финансирање на мерките поврзани со Ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал кон економските агенти дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза.

Од „Finance Think“ во коментарот наведуваат дека за очекување е дека поради воведените рестриктивни мерки и новонастанатата кризна состојба, активностите за реализација на дел од капиталните расходи ќе забават.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 189 пати.