Интервјуа

Центарот за очи „Визиа“ го поттикна напредокот во офталмологијата во Македонија

Интервју со д-р Саша Петров и д-р Жанина Петрова-Грајиќ, сопственици и менаџери на ПЗУ Центар за очи „Визиа“ во кое говорат за првата ласерска корекција на диоптрија направена во првата приватна хируршка ординација со што е трасиран патот на офталмологијата во нашата земја, за факторите и адутите на „Визиа“ што ја прават нивната работа успешна, како и за идните планови за развој на ординацијата

понеделник, 18 мај 2020

МАРИЛИ: Годинава ПЗУ Центар за очи „Визиа“ го одбележува своето полнолетство, прославува 18 години како прва приватна очна ординација во нашата земја. Д-р Сашо, освен храброста, што сѐ треба да се поседува за да се биде прв во некоја област во приватниот бизнис?
ПЕТРОВ:
Дефинитивно, храброста е битен фактор за да се преземе и да се направи што било од нула, но покрај храброст имав и верба во мојата способност и знаење. „Визиа“ беше прва приватна ХИРУРШКА ординација во Македонија. Колку што недостатокот на една таква институција во тоа време, во 2002 година, помогна за нашиот успех, толку и ни беше тежок пробивот како први во многу полиња на нашата специјалност.
Ја организирав работата на уникатен начин, со помош на моето познавање на информатиката, да се добие максимална ефективност, а со помало работно време на вработените. Тој систем се покажа исклучителен и до ден-денес работиме со иста ефикасност. Значи, покрај храброста, би ги додал стручноста, организацијата, технолошката подготвеност, толеранцијата и на крајот визијата за тоа што се сака да се постигне!

МАРИЛИ: Вие први во Македонија ја воведовте ласерската корекција на диоптријата. Колку со тоа помогнавте во развојот на офталмологијата во нашата држава и им помогнавте на домашните пациенти?
ПЕТРОВ:
Прво, самото воведување на еден непостоен хируршки метод беше многу тешко. Вложивме огромен напор во едукацијата на популацијата преку едукативни настапи на телевизијата, рекламни спотови, написи во списанијата и во весниците. Методот не им беше познат ни на нашите колеги и тие демонстрираа огромен отпор. Имавме гостувања на професори од Израел и од Париз за да ја зголемиме довербата. Ригорозно ги селектиравме пациентите што беа кандидати за оваа интервенција и досега на повеќе илјади лица им го подобривме животот. На крајот провоциравме напредок во офталмологијата и по осум години се отвори следната установа слична на „Визиа“, сега веќе има пет такви институции, а тоа е огромен напредок.

МАРИЛИ: Каква е Вашата визија за иднината на ПЗУ Центар за очи „Визиа“?
ПЕТРОВ:
Ќе продолжиме со воведувањето на последната технологија во нашата работа. Покрај напредокот во инфраструктурата, ќе вложиме напор да едуцираме нови кадри што ќе нѐ наследат и ќе ја продолжат квалитетната работа на Центарот за очи „Визиа“.

МАРИЛИ: Д-р Жанина, Вие сте партнер во семејниот бизнис во ПЗУ Центар за очи „Визиа“. Од каде љубовта кон медицината, особено кон офталмологијата, каде што како партнери братот и сестрата д-р Сашо и д-р Жанина се докажани стручњаци?

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Секогаш кажувам - ако повторно се родам повторно би била доктор и тоа токму офталмолог. Инаку, нашиот татко, прим. д-р Јордан Петров е педијатар во пензија. Но не само што е педијатар, туку тој е и голем визионер, па во далечната 1990 година кога ја извршуваше функцијата директор на Медицинскиот центар во Кавадарци доброволно ја напушти оваа директорска позиција за да ја отвори првата педијатриска приватна ординација во Македонија. Заедно со нашата мајка Софија Петрова, која беше одговорна за водењето на финансиите во фирмата, нѐ потикнаа и мене и брат ми да се развиваме во таа насока, каде што ВИЗИЈАТА ќе биде нашата водилка низ животот. Брат ми, д-р Саша Петров, е три години постар од мене и како постар брат го следев во неговиот избор уште кога требаше да избира факултет и животна професија. Отсекогаш растев со медицината, во докторска фамилија, па со самото тоа медицината беше моја животна љубов, така што немав никаква дилема при изборот на професијата. Кога дојде време да се избира специјализација, со оглед на тоа што и двајцата отидовме на приватни специјализации по инструкции на нашите родители, особено татко ни како доктор, решивме да избереме офталмологија, прво брат ми, а по две години и јас. И навистина сме го направиле вистинскиот избор, двајцата целосно се пронајдовме во нашата струка и со целиот ентузијазам на млади доктори почнавме да се надградуваме како очни доктори во нашата област. Визијата на нашите родители нѐ донесе до Центар за очи „Визиа“, кој стана препознатлив на овие простори по својата професионалност.

МАРИЛИ: Колку се важни непосредноста, достапноста, па и персонализираниот пристап што го градите со Вашите пациенти за да се има континуиран успех веќе 18 години?
ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ:
Точно така, за да се успее во секоја работа, па и во нашата, освен стручноста, треба да се поседуваат и особините што ги набројавте. Човечноста, достапноста, непосредноста се наши карактерни особини, а уште повеќе чесноста и персонализираната посветеност на секој наш пациент посебно, се адути што пациентите ги препознаваат и ги ценат, а тоа го докажале така што и покрај конкуренцијата што постои, останале наши верни пациенти повеќе од 18 години.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер, но и сопруга и мајка на две прекрасни деца. Колку е важен балансот меѓу деловниот и приватниот живот за да може една жена да се чувствува исполнета и за да се справува полесно со многубројните обврски на секое поле? 

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Благодарејќи на агенцијата „Марили“, која ми го даде престижното признание, се заокружив и како жена што е успешна и докажана во својата професија, а наедно успесите што секојдневно ги постигнуваат моите две деца прават да се чувствувам како горда мајка што ја остварила својата најголема улога во животот. И кога имало најтешки моменти на приватен или на професионален план, љубовта и желбата да бидам пример и визионер за моите деца, како што за нас тоа беа нашите родители, ми дава сила да ги донесувам најдобрите одлуки и да одам и да чекорам напред кон уште поголеми успеси и предизвици. Ќерка ми е при крај со студиите на медицина на Медицинскиот факултет во Белград, а син ми е веќе докажан економист со своја приватна фирма во Белград.
Во тек сме со нашиот нов проект за изградба на центар за физикална медицина во Белград, каде што со мојот сопруг, реномиран физијатар, и со децата продолжуваме со визијата и со традицијата што ја воведоа нашите родители за да расте во идните генерации и поколенија. Кога го работиш тоа што го сакаш, полесно доаѓаш до врвот, а кога наедно пред себе ја имаш целта да ги изведеш на пат своите деца што се број еден во животот што го живееш, тогаш сѐ е полесно, сите патишта водат во оваа насока.

 

Содржината е прочитана 932 пати.