МАКЕДОНИЈА

Трет сет мерки: платежни картички за купување домашни производи, ваучери за летување, надомест за тие кои останале без работа

понеделник, 18 мај 2020

Владата го усвои третиот сет економски мерки за помош на граѓаните и стопанството. За надминување на кризата се наменети 335 милиони евра од буџетот за околу 730.000 граѓани.

Премиерот Оливер Спасовски ги презентираше мерките објаснувајќи дека планирано е 100.000 граѓани кои се неработени, или имаат месечни примања до 15.000 денари да добијат платежни картички од по 9.000 денари кои ќе можат да ги користат за да купуваат домашни производи. За ова се планирани 16 милиони евра.

„Со оваа мерка се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашните производи и услуги. Се зголемуваат безготовинските плаќања и со тоа се намалува сивата економија, но, пред се, се зголемува куповната моќ на граѓаните“, рече Спасовски.

Планирано е 100.000 граѓани да добијат по 100 евра во форма на ваучери за летување низ земјава. Оваа мерка ќе важи за вработени кои земаат плата под 250 евра и немаат дополнителни приходи. Исто така околу 100.000 студенти и ученици кои доаѓаат од семејства со ниски примања ќе добијат ваучери на 6.000 денари за покривање на партиципацијата на факултетите или за сместување во студентски и ученички домови. Младите ќе може да аплицираат и за платежна картичка од 3.000 денари за купување домашни производи. Вдата ќе дава и ваучери од 30 000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ вештини.

Паричен надомест ќе добијат и сите работници кои изгубиле работа од 11 март до 30 април дури и да потпишале спогодбен отказ.

„Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани, преку поевтини цени за граѓаните поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство“, рече Спасовски.

Тој нагласи дека вработените на Клиниката за инфективни болести, Институтот и во центрите за јавно здрвје, како и тимовите на Итната помош ќе добијат 20 проценти повисока плата за два месеци.

 

Содржината е прочитана 41 пати.