Бизнис вести

Со ребалансот Буџетот ќе тежи 3,95 милијарди евра

Вкупните приходи се планирани на 3,2 милијарди евра, што е за 11,5 проценти помалку од првично планираните, додека вкупните расходи се проектирани на 3,95 милијарди евра, или за 1,4 отсто повеќе од сегашниот Буџет

петок, 15 мај 2020

Владата го скрои ребалансот на буџетот кој сега тежи 3,95 милијарди евра, од кои за справување со корона кризата ќе се трошат 82 милиони евра. Вкупните приходи се планирани на 3,2 милијарди евра, што е за 11,5 проценти помалку од првично планираните, додека вкупните расходи се проектирани на 3,95 милијарди евра, или за 1,4 отсто повеќе од сегашниот Буџет.

„Зголемувањето од 50 милиони евра е само 1,4 процент од вкупните расходи, а за пример ако погледнете како останатите земји делувале по однос на приходната и расходната страна, ние сме земја која најмалку ги зголемува расходите“, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска образложувајќи го предложениот ребаланс.

Таа појасни дека дефицитот е проектиран на 6,8 отсто од БДП, што значи дека се зголемува за 470 милиони евра во однос на основниот буџет и ќе изнесува 750 милиони евра. Владата планира дупката да се полни со позајмување до домашните банки, хартии од вредност и со издавање на еврообрзница.

За полесно надминување на корона кризата ќе бидат дополнети буџетите на одредени министерства. Најмногу пари ќе добие Министерството за здравство – 10,6 милиони евра, плус ппари ќе добие Министерството за економија - 9,8 милиони евра, Министерство за образование - 5,6 милиони евра, а Агенција за вработување ќе добие 2,5 милиони евра.

Ангеловска потенцираше дека пензионерите до крајот на годината ќе ги добијат ветените пензии, а нема да се кратат ниту платите на административците.
 

Содржината е прочитана 199 пати.