Бизнис вести

„Кромберг и Шуберт“ демантира дека ја прекинува работата

Од компанијата велат дека околу 2.000 вработени моментално работат во две смени, а од наредната недела ќе поне и третата смена, со што на работа ќе бидат вратени повеќе од 3.000 работници

петок, 15 мај 2020

Компанијата „Кромберг и Шуберт Македонија“ категорично ги отфрла шпекулациите дека повторно ја прекинува работата. Оттаму ја известуваат јавноста дека во време кога ситуацијата во државата и во целиот свет е се уште сериозна и крајно неизвесна поради што бара сите заеднички да придонесат за изнаоѓање начини како истата да се надмине со најмалку негативни последици, првенствено за здравјето, а потоа и за економијата, компанијата продолжува да работи во две смени на проектите за Мерцедес, за кои извезува во Шпанија и во Германија. Со ова се вратени на работа вкупно околу 2.200 вработени.

„Како што веќе претходно беше известена јавноста, првата смена започна на работа на 27 април, со што делумно го рестартиравме производниот процес после месец и половина комплетен застој. Тогаш беа вратени на работа првите 1.000 луѓе и сукцесивно, како што се зголемува обемот на работа и нарачките од клиентите, секоја недела или на две недели ги интегрираме останатите смени и проекти. Втората смена на овие проекти започна со работа на 4 мај, односно, се вратија на работа околу 2.200 вработени“, велат од „Кромберг и Шуберт“.

Информираат дека третата смена на проектите за Мерцедес ќе започне на работа наредната недела, на 18.05.2020, со што на работа ќе се вратат повеќе од 3.000 вработени.

„Во моментов имаме најава дека за нашиот трет проект за Ауди ќе започнеме да добиваме нарачки некаде кон крајот на мај, кога ќе започнат да се повикуваат на работа и вработените распоредени во овие работни области. Според моментално расположливите информации, очекуваме дека до крајот на месец мај ќе работиме со некаде 70-80% од целокупниот капацитет, со надеж дека до крајот на јуни ќе успееме да ги рестартираме сите смени, на сите три проекти“, потенцираат од компанијата.

Во соработка со Центарот за јавно здравје Битола и Државниот Инспекторат за труд, делот за безбедност и заштита при работа, „Кромберг и Шуберт“ ги презема сите мерки потребни за заштита на здравјето на вработените, од моментот на пристигнување на автобуските постојки, превозот од дома до работа, пристигнување во објектот, во текот на целото работно време, користење на паузите и патот од фабриката до дома. Одговорните велат дека останува на совесноста, одговорноста и искреноста на секој вработен, секој посетител и соработник да ги почитува мерките и да информира доколку имал некаков ризичен контакт лично или преку некој од најблиските. Бидејќи во спротивно се отвора можност целта да се постигне, а тоа е заштита на здрвјето на вработените и јавното здравје.

„Дополнително, информираме дека неизбежно и сериозно сме погодени од генералната ситуација во која се наоѓа автомобиската индустрија заради намалена продажба на возила на европскиот пазар поради појавата на кризата со коронавирусот. Нашата работа е тесно поврзана и целосно зависи од обемот на работа на нашите клиенти во Шпанија и Германија. Поради ситуацијата нарачките од клиентите, односно продажбата на возилата за кои нашата фабрика изработува кабелски снопови се драстично намалени, поради што мораме организациски да се преструктуираме согласно новиот обем на работа. Се надеваме дека сите се свесни дека оваа ситуација не е резултат на работата на локалната фабрика, ниту на нечија волја, туку на економската и здравствена криза со која се соочува целиот свет, поради што големи промени се случуваат во скоро сите компании и сите индустрии и области на работа, од кои најпогодена е автомобилската“ се вели во соопштението од компанијата.

Оттаму додаваат дека ја следат ситуацијата и превземаат мерки кои ќе бидат соодветни и во корист на мнозинството вработени, со цел да се задржи најголем број работни места и да се обезбеди стабилност и сигурност за вработените и компанијата.

Напоменуваат дека неминовно ќе треба да се помине низ период на опоравување, фабриката ќе треба да се преструктуира и да се прилагоди на новите услови и обем на работа и сето тоа ќе го направи со цел најбрзо што може да ја преброди оваа криза поради која многу од плановите за развој се ставени во мирување сé до повторно создавање на услови за нормално функционирање.

Апелираат дека сега не е време за шпекулации, невистини, омраза и критики, туку е време за солидарност, заедништво и меѓусебно помагање.

„Треба искрено да си посакаме здравје, сила и мудрост да носиме добри одлуки, да правиме паметни избори за да опстанеме и да останеме здрави за повторно да можеме да вработуваме, создаваме, растеме и да се развиваме, односно да создаваме можности за подобар живот за што повеќе луѓе. ’Кромберг и Шуберт Македонија’ ДООЕЛ Битола во изминатите години со дела има докажано дека кога можеме и имаме работа, ние вработуваме,
подаруваме, зголемуваме плати. Кога сме можеле – сме вработиле и сме дале најмногу! Како тим навиваме и едвај чекаме повторно да можеме да работиме така и да продолжиме онаму каде што застанавме пред кризата. Ние сме општествено одговорна компанија која се грижи за вработените и за градот Битола и овој пат апелираме до сите: Слушајте и почитувајте ги препораките на Министерството за здравство. И повторуваме, вирусот евентуало ќе помине, но да се потрудиме да помогнеме тоа да биде со што помалку негативни последици и да излеземе сите психофизички здрави, посилни и најважно, подобри луѓе од целата оваа криза“, се вели на крајот во соопштението на „Кромберг и Шуберт Макеоднија“.
 

Содржината е прочитана 227 пати.