Култура

Објавен конкурс за државната награда „22 Ноември“

Конкурсот што трае од 15 мај до 15 јуни 2020 годинa

петок, 15 мај 2020

Министерството за култура распиша конкурс за доделување на државната награда „22 Ноември“ во 2020 година.
Со оваа награда се оддава признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во државата кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани, а под условите утврдени во конкурсот може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ. На секој член на наградена група творци или екипа им се доделува диплома и подеднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ на државната награда „22 Ноември“ изнесува пет просечни месечни плати во Република Северна Македонија исплатени во последните три месеци на тековната година.

Државната награда „22 Ноември“ се доделува, по правило, секоја година. Во една година може да се доделат најмногу до две награди.
Иницијатива за доделување на државната награда “22 Ноември” може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани, а подносителите треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (адреса-улица, број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци што се смета дека ќе придонесат во оценувањето. Текстот на иницијативата треба да се достави во 20 примероци, а трудови (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во два примерока. Сите материјали треба да се достават на адреса: Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „22 Ноември“, ул. Ѓуро Ѓаковиќ, бр. 61 – Скопје, Република Северна Македонија.

Конкурсот трае од 15 мај до 15 јуни 2020 годинa.

 

Содржината е прочитана 52 пати.