Бизнис вести

Евент индустријата бара средба со Владата за мерки за опстанок на дејноста

Од компаниите од секторот за организација на настани (Организација на настани од секаков вид, Рентал компании, Видео, ТВ и филмски продукции, Аудио продукции и Техничка поддршка на настаните) велат дека речиси 70 дена се оневозможени да ја обавуваат својата основна дејност и да оставруваат приходи

четврток, 14 мај 2020

Асоцијацијата на Евент индустријата бара итна средба со преставниците на Владата со цел да се изнајде одржливо решение за проблемите со кои се соочува овој сектор, а се последица на мерките преземени против коронавирусот.

Од компаниите од секторот за организација на настани (Организација на настани од секаков вид, Рентал компании, Видео, ТВ и филмски продукции, Аудио продукции и Техничка поддршка на настаните) велат дека речиси 70 дена се оневозможени да ја обавуваат својата основна дејност и да оставруваат приходи, бидејќи не работат од 28 февруари кога беше донесена првата препорака за неодржување на јавни собири, поради што немаат прилив на пари и трпат загуби.

„Од 28 февруари кога се донесе препорака за неодржување на јавни собири, а подоцна и забраната за истите со Уредба изминаа 70 дена без никаков приход и прилив, без можност за било каква работа или ангажман“, велат од Асоцијацијата.

Оттаму додаваат дека бројот на луѓе кои егзистираат или имаат дополнителна заработка од овој сектор достигнува и до 20.000, а на прес конференции, на кои се издвојуваат загрозени сектори или сектори кои се со нула приходи, досега ниту еднаш не бил споменат нивниот сектор, кој, како што потенцираат, заедно со туризмот ќе бидат најголеми губитници од пандемијата.

„Како одговорни граѓани целосно и без поговор ги почитувавме сите мерки. Но, како стопанственици сме сериозно загрижени. Во прашање е опстанокот на нашите бизниси. Особено што немавме можност досега да слушнеме ниту најава за план за наше пуштање. Затоа, бараме итна средба со вас на која би се разгледале можностите за преживување на индустријата. На средбата би се разгледале можностите и термините за релаксирање на мерките во нашата дејност, а ќе ви доставиме и наши конкретни предлози за подобрување на нашата состојба. Веруваме дека заеднички можеме да најдеме квалитетни решенија со кои би ја спасиле нашата дејност, а притоа би го заштитиле јавното здравје. Отворени сме за состанок на датум и во време кое вие ќе го прецизирате“, наведуваат од Асоцијацијата во барањето испратено до премиерот, Оливер Спасовски, до вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска и до министрите за финансии, за економија и за здравство Нина Ангеловска, Крешник Бектеши и Венко Филипче.

 

Содржината е прочитана 137 пати.