Бизнис вести

Народната банка донесе нов пакет монетарни мерки

По намалувањето на основната каматна стапка во јануари и март, донесена е одлука за нејзино повторно намалување од 0,25 процентни поени, со што таа ќе изнесува 1,5 отсто, а по намалувањето на износот на благајничките записи на априлската аукција, за нови 7 милијарди денари е намалена и понудата и на вчерашната аукција

четврток, 14 мај 2020

Народната банка донесе нов пакет монетарни мерки откако Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (КОМП) одржа седница на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Од НБМ информираат дека по намалувањето на основната каматна стапка во јануари и март, донесена е одлука за нејзино повторно намалување од 0,25 процентни поени, со што таа ќе изнесува 1,5 отсто. Истовремено, по намалувањето на износот на благајничките записи, кој беше понуден на априлската аукција, за нови 7 милијарди денари е намалена и понудата на благајничките записи на вчерашната аукција. Заедно со средствата што беа ослободени со намалена понуда на благајнички записи на априлската аукција, се ослободуваат вкупно 15 милијарди денари, кои се очекува да овозможат натамошна поддршка на македонската економија преку поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем, се вели во соопштението.

Одлуката за натамошно монетарно релаксирање се темели на стабилизирањето на очекувањата и довербата на економските субјекти во последниот период, видливо преку подобрените движења на девизниот пазар и кај депозитите во банкарскиот систем. Овие околности, при истовремено комфорно ниво на девизните резерви и умерена инфлација, а при оцена за неповолни ефекти од здравствената криза врз економската активност на краток рок, отвораат простор за натамошна поддршка преку монетарната политика.

Ваквото релаксирање на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, како и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, којашто соодветно ќе може банките да ја искористат за поддршка на домашната економија преку зголемување на кредитната активност и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија.

На седницата се одлучи да се направат и дополнителни промени преку кои од Централнатата банка ќе им се овозможи на банките поголем пристап до ликвидност доколку во следниот период се појави таква потреба, што индиректно отвора и дополнителен простор за зголемена кредитна поддршка на економијата. Поконкретно, со овие промени се прошири опфатот на хартиите од вредност, кои Народната банка може да ги прифати од домашните банки како инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем. Така, при спроведување на монетарните операции за откуп на хартии од вредност на привремена или дефинитивна основа, Народната банка ќе може да ги прифаќа и домашните државни обврзници со најдолга рочност (15 и 30 години), како и еврообврзниците издадени од страна на државата на меѓународните финансиски пазари, кои се во сопственост на домашните деловни банки.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите априлски макроекономски проекции, при што заклучи дека и покрај веќе видливите негативни ефекти врз економијата поврзани со шокот од Ковид-19, економските фундаменти и натаму остануваат здрави. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската инфлација и стабилните движења на девизниот пазар во последниот период.

Просечната годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци од годината изнесува 0,4 отсто при очекувања за стапка на инфлацијата од речиси 0 отсто за оваа година и урамнотежени ризици во врска со проекцијата.

Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона со остварувања во согласност со очекувањата.

Во однос на расположливите информации за надворешниот сектор, податоците за надворешно-трговската размена заклучно со март оваа година упатуваат на проширување на трговскиот дефицит на годишна основа во првиот квартал – движења што се вградени во објавените најнови проекции на Народната банка.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за април покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа иако со поумерена динамика во согласност со со очекуваната патека во рамките на проекциите.

Показателите за домашните финансиски пазари посочуваат на постепено стабилизирање на движењата на девизниот пазар при забележано нормализирање на очекувањата на физичките лица. Имено, од крајот на април наваму се забележува постојано намалување на побарувачката на девизи од физичките лица, која постепено се враќа кон вообичаеното ниво од пред почнување на корона-кризата. Во такви околности Народната банка во втората половина на април повремено интервенира на девизниот пазар со продажба на вкупно 28 милиони евра. Од почетокот на мај Централната банка нема интервенирано на девизниот пазар.

Во однос на надворешното окружување, мерките со привремено запирање на активноста во одредени економски дејности кај земјите во светот резултираа со значителен пад на економската активност на глобално ниво, видлив преку показателите за БДП за првото тримесечје од годината, и други високофреквентни показатели.

„Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека надворешните и домашните ризици за економијата и натаму се присутни. Во актуелните околности, при стабилизирање на показателите кои се релевантни за монетарната политика, постои простор за натамошно монетарно релаксирање во функција на поддршка на економијата. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици заради соодветна реакција преку приспособување на политиките и преземање други дополнителни мерки доколку тоа е потребно“, се вели во соопштението од Народна банка.

 

Содржината е прочитана 183 пати.