Култура

Романот „Карусел“ од Лудвиг Бауер објавен на македонски јазик

Делото е издадено од „Бата прес“ со поддршка на Министерството за култура на Хрватска

четврток, 14 мај 2020

Во издание на „Бата прес“ излезе од печат романот „Карусел“ од познатиот хрватскиот писател Лудвиг Бауер. Делото на македонски го преведе Ненад Баткоски, а објавувањето е поддржано од хрватското Министерство за култура.

На самиот крај на дваесеттиот век, во родното провинциско гратче Градец, од Америка ‒ на погребот на својата помајка ‒ доаѓа Мирослав, кој сега се вика Фредерик. Тој ја среќава својата неостварена љубов од детството, Габриела.

Во родниот крај се прават напори да се воспостават нормалните текови на животот по завршената крвава војна од деведесеттите години на минатиот век. Ама тоа не е лесно. Двајцата старци се обидуваат да го разгорат пламенот на младешката љубов во светот кој исчезнува, кој што исто како и столетието зад нив се топи како шеќерна волна. Габриела и Мирослав тоа време го проживеале сосема различно и тоа се прекршува низ нивните судбини.

Мирослав е Евреин, на кој кога бил дете не му било кажано за неговото еврејско потекло. Тој е салонски левичар, скептик, индивидуалист, научник што секогаш се сомнева, а верува само во идеалите за подобро и поправедно општество. За разлика од него Габриела отсекогаш подготвено ја прифаќа секоја „вера“, било да станува збор за социјализмот, католицизмот и национализмот, а сега верува во потребата за мир и соживот. Таа на секоја вера ѝ се препушта во целост, безрезервно се внесува самата себе и својата дарба.

Низ судбината на овие необични јунаци Бауер дал пластична слика на хрватската провинција, нејзините жители и предрасудите што отсекогаш ги оптоваруваат. „Карусел“ е роман со силни ликови чии човечки судбини имаат универзална вредност, а нивните обиди да ја преживеат мелницата на големата историја добиваат карактеристики на вистинско херојство.

„’Карусел’ е темелно замислен роман и тоа е еден од најдобрите романи на современата хрватска проза“, пишува за делото познатиот хрватски книжевен критичар МаткоВладановиќ.

„Бауер со овој вешто и со умеење напишан роман повторно нуди ’новоисториски’ теми од ’слабата’ позиција на поединецот како жртва...“, бележи Јагна Погачник.

Лудвиг Бауер ‒ Лујо е роден 1941 година во Сисак. Дипломирал славистика во Загреб, а школувањето го продолжил во Братислава и Прага. Преведува, пишува книги, телевизиски и филмски сценарија (автор е на сценариото за цртаниот филм „Балтазар“). За објавен расказ уште во 1973 година ја добил угледната награда на весникот „Политика“ (Белград). Објавил повеќе книги за деца и 11 романи. За романот „Роден крај, заборав“ ги доби наградите „Меша Селимовиќ“ и „Фран Галовиќ“ за 2011 година, а во 2019 година ја доби наградата „Владимир Назор“ за роман на годината. На македонски јазик, во издание на „Бата прес“, во 2015 година му е објавен и романот „Големата љубов на Дон Жуан и малата балканска војна“

 

 

Содржината е прочитана 201 пати.