Бизнис вести

ЕБОР прогнозира пад на македонскиот БДП за 3,5 отсто во 2020 и раст од 5,5 отсто во 2021 година

Се предвидува Македонија да помине подобро од повеќето земји од регионот, односно, падот на БДП во Македонија, покрај Србија, да биде најмал во однос на останатите држави од Западен Балкан

среда, 13 мај 2020

Пад од 3,5 проценти на македонскиот БДП во 2020 година и економски раст од 5,5 проценти идната година предвидува Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во најновата макроекономска прогноза . Падот годинава, според Банката е последица на влијанието на пандемијата на коронавирусот врз економијата.

„Ранливоста од епидемијата во Северна Македонија е умерена и, под претпоставка за повлекување на мерките за социјално дистанцирање, се очекува дека БДП ќе падне за 3,5 проценти во 2020 година, а во 2021 година ќе се зголеми за 5,5 отсто“, се вели во извештајот на Европската банка.

Прогнозата на ЕБОР е во рамки на досегашните предвидувања за ефектите од корона кризата врз македонската економија што ги објавија и другите меѓународни финансиски институции. Се предвидува Македонија да помине подобро од повеќето земји од регионот, односно, падот на БДП во Македонија, покрај Србија, да биде најмал во однос на останатите држави од Западен Балкан. Идентичен пад како македонската од 3,5 проценти е пргнозиран и за српската економија, додека за в година се очекува Србија да достигне раст од 6 отсто.

Според ЕБОР, најголем пад на БДП во земјите од регионот годинава ќе имаат Албанија - 9 отсто и Црна Гора - 8 отсто, но затоа, пак, во 2021 ќе забележат голем раст од 12, односно 10,5 проценти.

За Хрватска се предвидува да има пад на БДП од 7 отсто оваа година и раст од 6 отсто во наредната, а Словенија годинава да ја заврши со пад од 5,5 и раст од 5 проценти догодина.

Пад од 5 отсто годинава ќе има косовската економија, за која се предвидува раст од 75 проценти во 2021, додека прогнозата за Босна и Херцеговина за годинава е пад од 4,5 отсто и раст од 6 отсто во наредната година.

Во извештајот се вели дека економиите во регионите што ги покрива ЕБОР може да се намалат во просек со 3,5 отсто оваа година, а да забележат раст од 4,8 отсто во следната година. Европската банка предвидува дека долгорочно кризата ќе има умерено влијание на економското производство, но и потенцијално значителни политички и социјални ефекти.

„Доколку социјалното дистанцирање остане многу подолго од предвиденото, рецесијата може да биде многу подлабока, така што, во наредните години нема да може да се достигне нивото на производство на жител од 2019 година“, се вели во извештајот на ЕБОР.
 

Содржината е прочитана 44 пати.