Бизнис вести

Лукаревска: „Вкупно 21.542 компании имаат поднесено барања за исплата на 14.500 денари за април и мај“

Од вкупниот број поднесени барања за угостителска дејност се 2.377, туристички агенции се 253, транспорт 2.177 барања, објекти за сместување се 258 и за останатите дејности се 16.625 барања

петок, 08 мај 2020

„Заклучно со крајниот рок 7 мај вкупно 21.542 компании поднеле барање за финансиска поддршка од 14.500 денари за исплата на плати за април и мај, со што се опфатени 43 проценти од компаниите. Овие барања ќе се обработат во УЈП во рок од три дена и ќе се достават до Генералниот секретаријат на Владата од каде ќе се врши исплатата на средствата“, рече директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на денешната прес конференција.

Од вкупниот број поднесени барања 2.377 се за угостителска дејност, туристички агенции се 253, транспорт се 2.177 барања, објекти за сместување се 258 и за останатите дејности се 16.625 барања.

Лукаревска истакна дека сите работодавачи кои имаат комплетно барање, по обработка на образецот ќе бидат информирани за вкупниот износ за финансиската поддршка што ќе им биде исплатена.

За ослободување од плаќање аконтации на данокот на личен доход се поднесени вкупно 816 барања, а од нив се прифатени 597, додека за ослободување од аконтации од данок на добивка барање доставиле 1.019 фирми, а прифатени се 747 барања.

Директорката Лукаревска додаде дека УЈП го продолжува партнерскиот однос со граѓаните и бизнис секторот и со навремено и квалитетно спроведување на економските мерки од двата владини пакета помага за намалување на негативните ефекти од кризата.
 

Содржината е прочитана 47 пати.